
Претходната година ќе остане запаметена како година во која македонското банкарство направи ретко и речиси симултано ресетирање на врвот. Управни и надзорни одбори, главни извршни директори и клучни менаџерски позиции се менуваа со интензитет што одамна не бил забележан во сектор што традиционално важи за стабилен и претпазлив. Промените не беа маргинални, туку директно во највисоките раководни структури, каде што се носат стратешките одлуки.
Интересно е што оваа изразена кадровска динамика се случи во период кога банкарскиот сектор бележеше повеќе од солидни финансиски резултати, стабилни профити и зачувана системска сигурност. Токму затоа 2025 година се издвојува како индикативна, односно како година во која промените не беа реакција на криза, туку веројатно дел од пошироко преструктурирање и прилагодување на новите пазарни и регулаторни реалности. Бројни, во некои случаи и неочекувани, менаџерските ротации го направија овој период особено интересен за следење.
Стопанска банка Скопје спроведе широка реконфигурација на УО
Една од банките со најмногу именувања во текот на годината е Стопанска банка АД Скопје. За нов генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор беше именувана Хрисула Кутуди, со долгогодишна кариера во банкарството и професионално искуство стекнато, меѓу другото, во Националната банка на Грција.
Управниот одбор доби и други нови членови: Емилија Стојановска Ивановска, долгогодишен кадар на банката, беше именувана за генерален директор за управување со ризици и член на УО, додека Владимир Треневски, досегашен сениор директор, беше унапреден во генерален директор за корпоративно банкарство и со едногодишен мандат влезе во Управниот одбор.
Илиас Пападопулос ја презеде функцијата генерален директор за оперативни работи и член на УО, а нов генерален директор за финансии и член на Управниот одбор стана Мирјана Трајановска. Промени имаше и во Одборот за ревизија, каде за независен член со двегодишен мандат беше именувана Верица Костова.
Нови лица во управните и надзорните одбори на големите банки
НЛБ банка ја заокружи 2025 и влезе во 2026 година со освежен состав на Управниот одбор. Бојан Стојаноски започна двегодишен мандат како член на УО задолжен за корпоративно банкарство, доаѓајќи од Стопанска банка Скопје, каде поднесе оставка на функциите генерален директор за управување со ризици и член на УО. Од јануари во Управниот одбор влезе и Драгиша Тадиќ, кој ја презеде одговорноста за ризици, со претходно искуство во НЛБ Комерцијална банка Белград.
Во исто време, Петер Зелен ја напушти управата и продолжи на групациска позиција во НЛБ Љубљана, а Игор Давчевски излезе од УО по истекот на мандатот. Во текот на 2025 година, во управата се приклучија и Кирил Бухов (од Халк банка) и Катерина Јанковиќ, која претходно беше дел од Шпаркасе банка.
Промени имаше и во Надзорниот одбор, каде Алеш Ипавец доби четиригодишен мандат, а дојде на местото на Боштјан Ковач. Надзорниот одбор продолжи да функционира под водство на Хелвика Усеник.
Халк банка АД Скопје доби нов главен извршен директор, д-р Фатих Шахбаз, со повеќе од 20 години искуство во банкарскиот сектор. Од позицијата си замина Билал Суџубаши, кој по осум години во Македонија ја продолжи кариерата во Турција.
Во Шпаркасе банка, пак, Габриела Шмол ја напушти функцијата член на НО на Шпаркасе банка.
Стопанска банка Битола со менаџерски промени по преземање од Алта банка
Претходната година беше особено динамична за Стопанска банка АД Битола. На почетокот од годината, Даниела Ѓоршевска беше именувана за член на Управниот одбор, додека во исто време в.д. членот Борислав Атанасовски се врати на претходната позиција во Надзорниот одбор, а Гордана Балтовска излезе од Управниот одбор на банката.
Откако, пак, Стопанска банка Битола беше преземена од Алта банка од Србија во октомври лани, се случија и нови менаџерски промени. Надзорниот одбор на Стопанска банка АД Битола првично ја именуваше Маја Кадиевска Војновиќ за нов член на Управниот одбор на Банката, но за многу кратко време ја повлече одлуката. Кадиевска Војновиќ од јануари 2023 година беше советник за стратешки работи на Управниот одбор на Стопанска банка АД Битола.
АЛТА банка најави и разрешување на актуелниот состав на Надзорниот одбор и именување нови членови. Двете предлог-одлуки ќе се разгледуваат од акционерите на претстојното собрание закажано за 27 февруари. Со првата предлог-одлука се предлага разрешување на петтемина актуелни членови на Надзорниот одбор: Гордана Гацева, Борислав Атанасовски, Стевчо Јолаковски, Игор Камбовски и Антони Пешев. Нови кандидати за членови на НО се: Давор Мацура, сопственик на Алта груп ДОО Белград и на Алта банка АД Белград, Уна Сикимиќ, претседател на УО на Алта банка Белград, Татјана Куљак, професор на Економски факултет во Белград, и Горан Коевски, професор на Правниот факултет при УКИМ во Скопје.
Забележани освежувања во неколку банки
Во Прокредит банка промените беа поумерени. Јованка Јолеска Поповска доби нов четиригодишен мандат во Надзорниот одбор, кој продолжи да работи во состав што комбинира меѓународни и домашни членови.
УНИ Банка доби нов член на Управниот одбор – Орлин Ваташки, кој го замени Владислав Хашидиев по осум години во раководството.
ТТК Банка именуваше нов член во Надзорниот одбор, Слаган Михајловски, со четиригодишен мандат, додека Силк Роуд банка направи промена во Надзорниот одбор со влезот на Горан Марковски на местото на Сашо Боко.
Иако причините и контекстот зад овие промени се различни, 2025 година јасно покажа дека управувањето со банките станува сè подинамичен процес. За инвеститорите, клиентите и пазарот во целина, оваа година ќе остане запаметена како период во кој македонското банкарство покажа дека кадровската мобилност на врвот е новата нормалност, а не исклучок.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








