Македонија и во 2025 година останува заробена во зоната на висока корупција. Со 40 поени од можни 100, земјата не бележи никакво реално подобрување на Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешенел, иако формално се искачи четири места погоре – на 84. позиција меѓу 182 држави. Напредокот во рангирањето сепак не е резултат на реформи, туку на падот на други земји што лани биле подобро пласирани.
Фактот дека резултатот е идентичен со минатогодишниот јасно покажува дека борбата против корупцијата стагнира, а Македонија веќе втора година по ред не успева да направи исчекор од долготрајниот просек од околу 40 поени.
Според резултатот од 40 поени, Македонија годинава е на исто рамниште со Бугарија и Унгарија – земји кои, за разлика од нас, бележат пад и во поени и во довербата во институциите. Ваквиот распоред ја позиционира земјава во групата држави кои со години се борат со системска корупција и слаба институционална отчетност. Со истиот број поени се и Буркина Фасо, Куба и Танзанија, кои исто така бележат пад. Само Гвајана, во ова друштво, постигнала напредок.
Сликата не е пооптимистичка ниту во регионот. Албанија е на 91. место со 39 поени, Србија падна на 116. позиција со 33 поени, а Босна и Херцеговина е 109-та со 34 поени.
Косово, иако е подобро пласирано од Македонија – на 76. место – исто така бележи пад и има 46 поени. Црна Гора останува релативно најдобро рангирана во непосредното опкружување со 46 поени и 65. место, без промена во однос на лани.
Од поранешните југословенски републики, Словенија значително отскокнува со 58 поени и 41. позиција, иако и таму има влошување во споредба со минатата година.
На врвот на листата и понатаму доминираат држави со силни институции и висока транспарентност. Данска останува прва со 89 поени, иако бележи благ пад, пред Финска и Сингапур. Во топ 10 се уште Нов Зеланд, Норвешка, Шведска, Швајцарија, Луксембург, Холандија и Германија, претежно западноевропските земји.
Од другата страна на листата се Јужен Судан, Сомалија, Венецуела, Јемен, Либија и Еритреја, држави во кои корупцијата е длабоко вградена во политичкиот и институционалниот систем.
Транспаренси интернешнл потсетува дека поените се поважни од позицијата, бидејќи тие ја мерат реалната перцепција за корупцијата, а не релативното место на листата. Глобалниот просек падна на 42 поени, а повеќе од две третини од земјите во светот се под границата од 50 поени.
Во тој контекст, македонските 40 поени не се само статистика, туку јасен сигнал дека антикорупциските политики не даваат резултат. Додека другите паѓаат или стагнираат, Македонија останува на истата точка – без вистински напредок, но и без простор за самозадоволство.
Аналитика








