Од март па сè до 2028 година, месечните примања на околу 11 илјади ќе се зголемуваат за по 8 проценти на годишно ниво, дополнително проследено и со законското усогласување во согласност со движењето на минималната плата. По долг период на преговори меѓу синдикатите и Владата, постигнат е договор за раст на платите во јавната администрација.
Од УПОЗ бараа десет, но добија осумпроцентен раст на платите, при што се прифати понудениот владин модел. Договорот е резултат на дијалог, синдикални протести и притисоци, а целта е постепено да се намали јазот меѓу платите во администрацијата и реалните трошоци за живот. Првото зголемување ќе биде пресметано со мартовската плата.
Синдикатот на УПОЗ најави дека во наредниот период ќе подготви предлог-текст на колективен договор, кој ќе биде доставен до Министерството за јавна администрација. Потоа, во координација со Министерството за финансии ќе се изработи единствен колективен договор што ќе им биде понуден на институциите во јавниот сектор.
Иако договорот е поздравен како чекор напред, дел од вработените во администрацијата укажуваат дека ефектите ќе бидат ограничени, особено поради инфлацијата и фактот што дел од растот ќе произлезе од општото зголемување на минималната плата, кое важи за сите вработени. Првичните реакции упатуваат на актуелното ниво на платите на административниот персонал во болниците и судовите – 28 илјади денари со пресметан надомест за храна и превоз, кај кои првичниот нето-ефект се проценува на околу 1.400 денари.
Од Владата, пак, порачуваат дека договорот обезбедува финансиска предвидливост и стабилност во јавната администрација во наредните години.
Аналитика








