ПОВЕЌЕ

    ВО ЦЕЛА 2025 ГОДИНА СМЕ ИЗЕЛЕ, ИСПИЛЕ И ИСПУШИЛЕ 2,28 милијарди евра

    Време зa читање: 3 минути

    Од податоците на Државниот завод за статистика може да се види дека во текот на целата 2025 година, за храна, пијалаци и тутун, во трговијата на мало се потрошени вкупно 140.475 милиони денари, или 2,28 милијарди евра. За непрехранбени производи потрошени се 130.600 милиони денари, или 2,12 милијарди евра, додека за автомобилски горива потрошениот износ е 63.651 милион денари, или 1,03 милијарди евра.

    Претходната година, поради повисоките цени имало поголема потрошувачка на автомобилските горива, во висина од 70.798 милиони денари, или 1,15 милијарди евра. Пониска е потрошувачката за храна, пијалаци и тутун, но тогаш имало и пониски цени, па износот е 138.687 милиони денари, или 2,25 милијарди евра. Сличен е износот за непрехранбени производи (освен гориво) од 137.315 милиони денари, или 2,23 милијарди евра.

    Промет во трговијата на мало во 2025 и во 2024 година (во милијарди евра)

    Извор: Државен завод за статистика

    ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД ПАРИТЕ ОДАТ ЗА ХРАНА

    Според податоците од Државниот завод за статистика, што ги анализира Пари, од просечната годишна потрошувачка по семејство во износ од 309.776 денари во 2024 година (последни податоци), 159.750 денари одат за храна и за безалкохолни пијалаци, а за алкохол и тутун 18.154 денари. Сличен износ, како за овие пороци, македонските домаќинства трошат и за облека и обувки – 18.230 денари, додека за покуќнина и одржување одат 16.449 денари.

    Македонските домаќинства во просек годишно трошат по 172,3 килограми леб, 20 килограми ориз, 64 килограми компир, 23,6 килограми свинско месо, 169 килограми говедско, јунешко и телешко месо, 45,6 килограми живина…

    ВО ЕУ ХРАНАТА НЕ Е НАЈГОЛЕМА СТАВКА

    Според податоците од Еуростат за 2024 година, потрошувачката на домаќинствата во ЕУ за храна и безалкохолни пијалаци е 13,2 насто од нивните трошоци, а за алкохол и цигари 3,7 насто. Кај нас, пак, според Државниот завод за статистика, вкупно за храна, пијалаци и тутун се издвојува околу 56 насто од приходот на домаќинствата. Ова е голема разлика и нејзиното намалување често се споменува како фактор за приближување до европскиот стандард.

    Извор: Еуростат и Државен завод за статистика

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично