ПОВЕЌЕ

    Законот против пушењето не е спорен – Подобро етапна примена наместо нагло воведени забрани

    Време зa читање: 4 минути

    Предложениот закон за заштита од пушење не е прв од овој вид, речиси истите решенија ги има и постојниот Закон, кој извесно време се применуваше, а потоа затаи неговата имплементација. Државата нема институционлен капацитет за спроведување на законите, па затоа е потребно етапно воведување на одредбите со кои се ограничува пушењето. Примената не треба да се одложи, туку само да се подели во фази, низ кои ќе се согледуваат и ќе се надминуваат пропустите, а институциите ќе имаат простор да се консолидираат и да зајакнат. Исто така, и бизнисот ќе се подготви, со што и негативните ефекти ќе бидат ублажени. Само на тој начин ќе се постигне трајност на законот.

    Овој модел, на трибината што во организација на Сојузот за борба против пушењето „Превентива“, се одржа во рамките на јавната расправа за предлог-законот, произлезе од претставникот на ССКМ, Љупчо Јаневски. Сојузот на стопанските комори не е против овој закон, нагласи тој, но сите засегнати мора да добијат време за да се прилагодат. Пред сѐ, посочи на хотелско-угостителската дејност, како и на оние 4.000 малопродажни објекти, кои најчесто претставуваат семејни бизниси.

    Притоа, го постави и прашањето, дали некогаш инспекторите влегле во државните, јавните институции, во општините за да проверат колку во нив се спроведува Законот.

    Од цигарите и од чадот треба да се заштитат сите граѓани, особено младата популација. Потребни се таргетирани кампањи и наставни програми со кои ќе се делува превентивно за младите, па и возрасните, целосно да ги согледаат и сфатат штетноста и последиците од зависноста што се создаваат со консумирањето класични цигари и други производи од тутун. Доктор Сања Прошева од Институтот за јавно здравје предупреди дека пасивното пушење достигнало многу високо ниво, 57 отсто од анкетираните деца кажале дека на тоа се изложени дома, а 55 проценти во јавни простории. Исто така, ги нагласи и опасностите што демнат како директни последици од пушењето – болести и прерана смртност, како и високите износи што ги повлекува лечењето на тие пациенти.

    Во подигањето на свеста на младите за штетноста на оваа навика, активно е вклучено и Министерството за образование и наука. Во законите за основно и за средно образование, наведе советникот во МОН, Јаворка Ѓорѓиевска, задолжителни се превентивните програми. Меѓутоа, нагласи, превенцијата не смее да заврши заедно со последниот училишен час. Треба да продолжи и вон наставата, при што родителите и воопшто возрасните, треба да влијаат не со зборови, туку со личен пример.

    Шведска е земја со најмалку пушачи во ЕУ, со само пет проценти од населението, но до тоа ниво не е дојдено одеднаш, туку со повеќе мерки, меѓу кои и со пренасочување кон помалку штетните производи, посочи професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна, Златко Арсов. Исто така, тој се осврна на значењето што производството на тутун го има за Македонија. Најголемиот дел од производството, околу 95 отсто се извезува, а просечниот годишен прилив е 100 милиони евра. Воедно, додаде дека за разлика од Грција, која од тутун се преориентирала на одггледување памук, нашата земја ги нема тие климатски погодности, односно тешко е да се најде алтернатива. Се осврна и на производството на цигари и истакна – државите живеат на сметка на тутунските компании, при што го наведе примерот: ако кутија цигари чини 200 денари, 140 зема државата. Оттаму, нагласи, законот има голема важност за јавното здравје, но не смее да се занемари ниту економската компонента, односно предупреди на можноста – со неговото функционирање да се отиде во друга крајност, со што ќе и се отоври патот на „тутунската мафија“.

    Трибината ја проследија универзитетски професори, здравствени, економски и правни експерти. Сите се согласни дека законско решение е потребно, но без нагли и екстремни решенија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично