
Од Државниот завод за статистика стигна добра вест. Реалниот раст на трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун во декември 2025 во однос на декември 2024 година е 4,6 насто. Тоа е со исклучена инфлација, податок што покажува колку навистина се зголемил прометот. Инаку, во номинален износ, заедно со инфлацијата растот на прометот е 11,5 насто.
Но, податоците покажуваат и дека народот не бил заинтересиран за непрехранбени производи, па тука номинално има раст од само 1 насто, но ако се изземе инфлацијата, реално има намалување на прометот од 3 насто.
Поради намалување на цената на горивата, прометот со нив се намалил за 1,6 насто, но реално продадената количина е поголема за 1,5 насто.
Промет во декември 2025 во однос на декември 2024 година
Извор: Државен завод за статистика
ДЕКЕМВРИ БИЛ НАЈПОТРОШУВАЧКИ МЕСЕЦ, БАРЕМ ЗА ЈАДЕЊЕ
Очекувано, декември е и најпотрошувачкиот месец, па така за храна, пијалаци и тутун во последниот месец од годината се потрошени 13.668 милиони денари, или 222,2 милиони евра. Во ноември се потрошени 12.267 милиони денари, или 199,5 милиони евра, додека во октомври износот е 10.354 милиони денари, или 168,3 милиони евра.
Иако во декември се очекува дека ќе има и поголемо зголемување на цените на непрехранбените производи, дека многумина посегнуваат по нешто за да се подноват ‒ било да е тоа облека или нешто за домаќинството, не е забележана голема разлика, дури ноември бил и „посилен“ месец, но тука треба да се земат предвид акциите за црн петок. За непрехранбени производи во декември се издвоени 12.123 милиони денари, или 197,1 милион евра, а во ноември 12.199 милиони денари, или 198,4 милиони евра. Во октомври, пак, биле издвоени 11.233 милиони денари, или 182,6 милиони евра.
Потрошувачката на автомобилските горива изразена во пари покрај врската со количините ја има и со цените, кои се поосцилирачки. Во октомври во малопродажбата на автомобилски горива се внесени 84,3 милиони евра, потоа прометот е намален на 79,5 милиони евра, а во декември заврши со 90,2 милиони евра.
Промет во последниот квартал од 2025 година (во милиони евра)

КАКВА БИЛА ИНФЛАЦИЈАТА?
Во декември 2025 година во однос на декември 2024 година вкупната инфлација била 4,1 насто. Само инфлацијата на храна и безалкохолни пијалаци била 5,3 насто, а на алкохолни пијалаци и тутун 5,4 насто.
За една година се зголемиле трошоците и за облека и обувки за 2,2 насто, за мебел, покуќнина и редовно одржување за 6,3 насто.
P.A.R.I – AI: Паметен аналитички репортер на информации на „Пари“
Инфлацијата го намалила номиналниот раст на прометот во трговијата.
Декември во однос на ноември има скромна инфлација од 0,4 насто, а само за храна и пијалаци, таа била во негатива, односно имало дефлација од 0,4 насто. Дефлација од 0,2 насто имало и за облека и обувки. Мал раст од 0,5 насто имало на трошокот за покуќнина и одржување на домаќинството.
И во ноември во однос на октомври има мали промени, инфлација од 0,5 насто, а за храна и пијалаци од 0,6 насто. Кај другите ставки, има мирување.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








