Триглав Осигурување ја заврши 2025 година со нето добивка од 106,5 милиони денари, што претставува раст од 103 проценти во однос на 2024 година и за 83 проценти повеќе од планираното. Високото достигнување се должи на подобриот технички резултат, повисоките финансиски приходи и ефективната контрола на штетите.
Нето приходите од премии во 2025 година изнесувале 1.153 милиони денари, што е за 6 проценти повеќе од претходната година, односно за 69 милиони денари. Најголем придонес за овде има бруто-премијата која се зголемила за 88 милиони денари, здравственото осигурување со раст од 28 милиони денари и осигурувањето на кредити со зголемување од 27 милиони денари. Дел од позитивниот ефект е ублажен од повисоката премија предадена во реосигурување од 16 милиони денари, како и од негативното влијание на нето резервите за преносна премија од 2 милиони денари. Приходите од провизии од реосигурување остануваат стабилни на ниво од 104 милиони денари, додека останатите осигурителни приходи се намалени за еден милион денари поради пониските приходи од асистенција.
Според извештајот, приходите од финансиски вложувања достигнале 81 милион денари, што е за 23 проценти повеќе во однос на 2024 година, главно поради зголеменото инвестициско портфолио. Од овие приходи, 74 проценти се обезбедени од камати, 21 процент од реализирани добивки од продажба на хартии од вредност, два проценти од наемнини, а остатокот произлегува од курсни разлики и наплата на застарено побарување од еден милион денари.
Нето-расходите за штети изнесувале 531 милион денари, што е за 11 проценти пониско во споредба со претходната година и произлегува од пониските бруто-ликвидирани штети за 48 милиони денари, на повисокото учество на реосигурување за 26 милиони денари и на стабилните резерви за штети.
Во извештајот од Друштвото е наведено дека нето-трошоците за спроведување на осигурувањето достигнале 589 милиони денари или за 14 проценти повеќе од претходната година, што се должи на повисоките провизии за брокери и агенти за 28 милиони денари, зголемените трошоци за маркетинг и промоција за 25 милиони денари и еднократните трошоци за наем. Останатите технички трошоци изнесуваат 59 милиони денари, што е за два проценти повеќе од минатата година, додека вредносното усогласување на побарувањата се зголеми за 3,9 милиони денари.
Билансната сума на последниот ден од минатата година изнесувал 3.539 милиони денари, што претставува раст од 12 проценти во однос на 2024 година. Како што се посочува, најголемо учество во активата имаат останатите финансиски средства со 48 проценти, кои се во износ од 1.712 милиони денари. Побарувањата од реосигурување учествуваат со 20 проценти или со 702 милиони денари. Намалувањето кај финансиските средства се должи на пренасочување на капитал за купување на сопствен деловен простор.
Во текот на минатата година Триглав Осигурување ја надминал и планираната бруто-премија со остварени 1.706 милиони денари наспроти планираните 1.690 милиони, ликвидираните штети се пониски од планот (690 милиони наспроти 764 милиони денари), финансиските приходи се 19 проценти над планираното ниво, а покрај повисоките трошоци, резултатот е силен, со нето добивка од 106,5 милиони денари што значително го надминува планираното.
За оваа година, пак, Друштвото планира бруто премија од 1.960 милиони денари, што значи раст од околу 15 проценти, со очекувана добивка од околу 75 милиони денари, обезбедувајќи понатамошно профитабилно, безбедно и одржливо работење.
Аналитика








