ПОВЕЌЕ

    КХВ: Отворен конкурс за најдобар труд на млади истражувачи во областа на пазарот на капитал

    Време зa читање: 2 минути

    Комисијата за хартии од вредност распиша Конкурс за доделување на Годишната награда за најдобар труд на млади истражувачи во областа на пазарот на капитал за 2026 година. Право на учество имаат македонските државјани на возраст до 35 години. Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 мај.

    На Конкурсот можат да конкурираат автори со еден труд, изработен самостојно или во коавторство (најмногу двајца автори). Дозволено е учество и со трудови што веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2025 година, при што авторите се должни да наведат дали, кога и каде бил објавен трудот.

    Трудовите се поднесуваат на македонски или албански јазик, а авторите задолжително треба да се придржуваат до Упатството наменето за нив. Заедно со трудот, потребно е да се достават кратка биографија (CV), изјава за оригиналност и согласност за објавување на трудот.

    Апликациите се доставуваат по електронски пат, во „word“ формат, на е-адресата [email protected], со назнака: „За Годишната награда за најдобар труд на Комисијата за хартии од вредност – 2026“.

    Изборот на најдобриот труд ќе го врши Одбор за оценување составен од четири члена, од кои двајца се вработени во КХВ. Процесот на оценување ќе се спроведува анонимно (според критериуми утврдени во Упатството за авторите).

    За најдобриот труд е предвидена награда од 90.000 денари. Доколку Одборот оцени дека и второрангираниот труд е со квалитет близок до прворангираниот, може да се додели и втора награда од 50.000 денари. Комисијата го задржува правото да не ја додели наградата доколку трудовите не го достигнат потребниот квалитет.

    Наградените трудови и начинот на нивното вреднување ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на КХВ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично