Шеесет и седум нови енергетски објекти со моќност од најмалку еден мегават со вредност од над 3,730 милијарди евра се предвидени со Годишниот план за изградба на енергетски објекти, кој Владата го усвои на последната седница, објави министерката за eнергетика, Сања Божиновска, на денешната прес конференција. „Зборуваме за вкупно инсталирана моќност од неверојатни 4.416,803 мегават часа“, потенцираше министерката.
Божиновска најави дека со овој моќен инвестициски циклус, тежок дури 5,7 милијарди евра, во кој се вклучени дури 97 приватни компании, Македонија влегува во една нова ера на енергетска независност.
Според структурата, предвидени се 59 фотонапонски елеектрични централи со моќност од 3,814 мегавати и вредност од 2,1 милијарда евра, седум ветерни централи со моќност од 907, 7 мегавати и една когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати, со вредност од 445.500 милиони евра.
Од 284 барања, одобрените 97 компании се одбрани по принципот прв дојден, прв услужен, а вклучени се и 56 општински проекти од Македонски Брод, Лозово, Дебарца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и од Кочани, со анализи за мрежна стабилност, истакна Божиновска.
Паралелно со производствените капацитети, планот става акцент и на складирањето како клучен услов за интеграција на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во мрежата. Најавени се 96 складишта на електрична енергија со вкупна инсталирана моќност од 2.027 MW и капацитет од речиси 5.000 MWh. Инвестиција чија вредност е проценета на близу 2 милијарди евра. Во рамки на оваа бројка се предвидени 77 интегрирани батериски системи во склоп на електроцентрали и 19 самостојни складишта.
Секој проект поминал низ ригорозна контрола и прелиминарни анализи од страна на МЕПСО и Електродистрибуција за да се гарантира стабилноста на системот. Од пристигнатите 284 барања, прифатени се само оние со комплетна документација и докажан бонитет.
Во Планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–Интегралната студија, која согласно Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, N–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции, истакна Божиновска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали овој амбициозен план на крајот ќе претставува само список на желби со оглед декна Министерството не знае какви се вистинските финансиски капацитети на инвестоторите кои влегоа на списокот, министерката Божиновска одговори дека сите тие се условени со соодветни банкарски и други гаранции и услови што треба да ги исполнат. Поради тоа, овој план не е само список на желби, туку конкретен стратешки документ, кој ја трансформира нашата енергетска слика и ја зацврстува независноста, истакна Божиновска.
Аналитика








