
Годината ја почна како Стопанска банка Битола, а ја заврши со променета сопственост и ново име – АЛТА банка Битола. Така стана дел од српската АЛТА Групација, чекор што, според менаџментот, ги поставил темелите за стабилизација и нов развоен циклус.
Транзициската и пресвртна 2025 година ја заокружи со позитивен финансиски резултат, остварувајќи нето-добивка од 40,6 милиони денари. Иако добивката е пониска во споредба со ланските 163,17 милиони денари, од Банката нагласуваат дека резултатот е постигнат во услови на прудентна кредитна политика, со јасен фокус на подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, зголемена наплата и активно расчистување на нефункционалните пласмани. Годишниот план е реализиран со 44,93 проценти.
Кај нето-приходите од камати е забележано намалување од 22,2 отсто, при што износост е 359.898 илјади денари. Исто така, пониски се и нето-приходите од провизии и надоместоци, за 33,17 отсто, како што се наведува – главно поради намалените приходи и зголемените расходи за провизии кон добавувачите на услуги.
Од друга страна, нето-приходите од курсни разлики остануваат стабилни и позитивни, во износ од 19,57 милиони денари, и се речиси на истото ниво како и во 2024 година. Останатите приходи од дејноста бележат умерен раст од 1,42 милиони денари, односно 5,15 проценти, најмногу како резултат на зголемени приходи од дивиденди.
Значаен исчекор е направен кај управувањето со ризиците. Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е позитивна и изнесува 19,4 милиони денари, што претставува значително подобрување во однос на минатата година, кога оваа позиција била негативна со 21,14 милиони денари. Истовремено, загубата поради оштетување на нефинансиските средства изнесува 20,53 милиони денари, и е поврзана со издвоените загуби за оштетување на преземениот имот, согласно регулативата на НБРСМ.
На расходната страна, трошоците за вработените се намалени за 2,82 проценти. Останатите расходи од дејноста се зголемени за 3,91 насто, додека амортизацијата пораснала за 11 насто.
И покрај предизвиците, Банката во текот на годината остварила високи ликвидносни и капитални показатели. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од годината изнесува 33,39 проценти, додека учеството на ликвидната актива во вкупната актива достигнала 49,92 проценти, нивоа кои се значително над просекот во банкарскиот сектор, истакнуваат од АЛТА банка.
Исто така, оценуваат дека силната капитализираност и високата ликвидност претставуваат клучна основа за долгорочна финансиска стабилност и за спроведување на најавените промени, со јасен фокус на дигитализација, иновации и унапредување на корисничкото искуство, во согласност со стратегијата на АЛТА Групата.
Аналитика








