Директорката на Централен регистар, д-р Анита Стамнова и деканот на Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, проф. д-р Петре Ламески денес во Скопје потпишаа Меморандум за соработка. Со Меморандумот, двете институции се залагаат, во рамки на својата мисија, визија и цели, заеднички да дејствуваат и соработуваат во интерес на обезбедување услови за размена на знаења, искуства и заеднички развој на иновативни дигитални решенија, како и надградба и пренос на знаења.
Како што беше истакнато, соработката помеѓу Централен регистар и ФИНКИ е од големо меѓусебно значење и се базира на искористувањето на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности од областа на информатичките науки и компјутерското инжeнерство.
Централен регистар, како технолошки високо развиена институција, меѓу другите проекти ќе има потреба од користење на достапни капацитети, инфраструктура и услуги обезбедени од Националниот центар за вештачка интелигенција преку проектот „ВЕЗИЛКА: Национална ВИ Фабрика Антена на Северна Македонија“, со цел реализација и поддршка на развојните, апликативните и истражувачките активности од заеднички интерес.
Воедно, како институција отворена за младите, Централен регистар ќе биде на располагање со цел обезбедување студентска пракса за студентите чие поле на интерес е во делокругот на работа на Централен регистар, соопштија од оваа институција.
Аналитика








