Вкупните депозити достигнаа 10,75 милијарди евра, а вкупните кредити 9,08 милијарди евра. Состојбата е од декември, кога во двата основни бакраски сегменти е забележан годишен раст од 10,1 насто, односно од 13 насто. Врз движењата влијаеле навиките и потребите на граѓаните и на компаниите, со тоо што кај депозитите е понагласена улогата на домаќинствата, а кај кредитирањето – на корпоративниот сектор.

Месечните промени се исто така позитивни. Вкупните депозити во декември се зголемени за 4,4 насто, а вкупните кредити за 3 насто, покажуваат податоците на Народната банка за монетарните движења во декември.
Во текот на последниот месец од минатата година, населението депонирало кај банките дополнителни 251,8 милиони евра. Тоа претставува месечен раст од 3,6 насто, по што депозитите достигнуваат износ од 444.758 милиони денари или 7,23 милијарди евра. Анализирано на годишна основа, растот изнесува 12,1 насто и во најголем дел е резултат на зголемувањето на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и на краткорочните депозити во странска валута.
Во декември, задолженоста на домаќинствата го достигнува нивото од 276.812 милиони денари, односно 4,5 милијарди евра. Месечниот раст е 0,9 насто, а апсолутниот износ на новите побарани и добиени кредити е 40,7 милиони евра. На годишна основа зголемувањето е 10,9 насто, а произлегува првенствено од растот на кредитирањето во денари, иако се актуелни и девизните задолжувања.
Граѓаните најмногу користат потрошувачки кредити, кои во декември изнесуваат 2,3 милијарди евра. Нивниот месечен раст е 1,4 насто, а годишниот 10,6 насто. Следат станбените кредити со зголемувања за 1,7 насто месечно о 15,8 насто годишно. Сумата е 1,77 милијарди евра.
За 2,1 отсто е намален месечниот интерес за користење автомобилски кредити, додека на годишна основа е регистриран раст од 1,3 насто. Од Народната банка посочуваат дека кредитите одобрени на кредитните картички во декември се намалени и на месечна и на годишна основа – за 1, односно за 5,5 отсто. Исто така, опаѓачки е трендот и кај негативните салда на тековните сметки и кај кредитите одобрени врз други основи. Првите бележат месечно намалување од 16,4 отсто и годишно од 2,5 отсто, а вторите од 1,4 и 11,4 отсто.
Во вкупната депозитна база корпоративниот сектор партиципира со 187.819 милиони денари, односно со 3,05 милијарди евра. Исносот е достигнат по декемвриското зголемување од 6 насто, главно под влијание на краткорочните депозити во странска валута и на депозитните пари. Во споредба со декември 2024 година, повисоки се за 6,5 насто.
Кредитната поддршка обезбедена од банките за компаниите е во износ од 279.343 милиони денари или 4,54 милијарди евра. Проследен е со месечен раст од 5,1 насто (во поголем дел резултат на повисоките кредити во денари), и со годишен раст од 15,3 насто, кој целосно произлегува од зголеменото кредитирање во домашната валута.
Аналитика








