ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИОТ ПРЕМИЕР ВО ДАВОС: Мицкоски ќе има средби со претставници на најголемите корпорации и финансиски институции

    Време зa читање: 3 минути

    Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија, најавија од Владата.

    Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици на човештвото.

    Премиерот Мицкоски, како што беше најавено, ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.

    На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.

    За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.

    Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.

    Својата посета на Давос Мицкоски ја најави и на својот Фејсбук профил, во видео обраќање од лице место, од Давос. „Ќе учествуваме на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија. Следните денови ќе имаме бројни состаноци коишто очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број на инвестиции. Учесник ќе бидам на три панели на коишто ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и бројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“, напиша македонскиот премиер.

    На традиционален јануарски собир во монденското зимувалиште во Швајцарија годинава се очекува да се соберат околу 3.000 учесници, чија цел ќе биде да разговараат за глобалната економија, трговијата и вештачката интелигенција под мотото „Дух на дијалогот“ од денес па до четврток.

    Меѓу нив се бројни врвни политичари и стотици корпоративни лидери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично