ПОВЕЌЕ

    ЗДРАВСТВЕНА ИТНОСТ ЈА ПРЕКИНА МИСИЈАТА CREW-11: Астронаутите се враќаат порано на Земјата

    Време зa читање: 3 минути

    Медицинска итност во орбитата за првпат во историјата на Меѓународната вселенска станица доведе до предвремено завршување на една вселенска мисија, отворајќи повторно прашања за тоа колку е човечкото тело подготвено за долгорочен живот во вселената. Астронаут од екипажот на SpaceX Crew-11 развил неочекуван здравствен проблем додека престојувал на станицата, поради што НАСА донесе брза и без преседан одлука, целата мисија да биде скратена и екипажот да се врати порано на Земјата.

    Четворицата членови на Crew-11 – астронаутите на НАСА Zena Cardman и Mike Fincke, астронаутот на JAXA Kimiya Yui и космонаутот на Roscosmos Oleg Platonov – се очекува да слетаат во Тихиот Океан, покрај брегот на Јужна Калифорнија, во раните утрински часови на 15 јануари. Наместо планираното враќање во февруари, нивната мисија ќе заврши неколку недели порано, поради здравствена состојба на еден од астронаутите, кој, според НАСА, е стабилен и безбедно згрижен. Агенцијата не открива детали ниту го идентификува лицето, повикувајќи се на медицинска приватност.

    „Прво и најважно, сите сме добро. Сите на бродот се стабилни, безбедни и згрижени“, напиша Mike Fincke, оценувајќи ја одлуката за враќање како правилна, иако „горчливо-слатка“. Според НАСА, целта на раното слетување е астронаутот со здравствен проблем да добие целосна медицинска проценка на Земјата, каде што постојат значително пошироки дијагностички можности отколку во орбитата.

    Ова е првпат во 25-годишната историја на Меѓународната вселенска станица медицински проблем да резултира со скратување на активна мисија. Одлуката доаѓа помалку од една година по случајот што привлече огромно внимание, кога астронаутите Suni Williams и Butch Wilmore останаа девет месеци на ISS поради технички проблеми со капсулата Starliner на Boeing, иако нивната мисија првично требаше да трае само една недела.

    Crew-11 беше лансиран во август 2025 година од вселенскиот центар „Кенеди“ и требаше да остане во орбитата шест до осум месеци. Наместо да чекаат пристигнување на Crew-12, екипажот ќе се врати со истата капсула SpaceX Dragon со која пристигна. При повторното влегување во атмосферата, леталото ќе помине над делови од Калифорнија, а жителите по должината на брегот би можеле да слушнат звучен бум.

    Иако НАСА нагласува дека не станува збор за вонредна состојба, случајот повторно го насочува вниманието кон здравствените предизвици со кои се соочуваат астронаутите. Дури и најподготвените луѓе на планетата, по долготраен престој во микрогравитација, се соочуваат со сериозни физички промени – од губење на коскена густина и мускулна маса, до проблеми со рамнотежата, видот и имунолошкиот систем.

    Истражувањата покажуваат дека мозокот на астронаутите буквално ја менува својата положба во черепот за време на престојот во вселената, додека коските губат околу еден процент од густината секој месец. И покрај секојдневните двочасовни тренинзи, враќањето на Земјата претставува вистински шок за телото, а многумина опишуваат тешкотии дури и со наједноставни активности, како седење или одење.

    Новиот администратор на НАСА, Jared Isaacman, изјави дека реакцијата на агенцијата била брза и пример за подготвеноста на тимовите за вакви сценарија. „Се обучуваме за овие ситуации одново и одново. Американската јавност треба да има доверба во способноста на НАСА да се справи со неочекувани предизвици“, рече тој.

    Иако Crew-11 ќе се врати порано од планираното, НАСА истакнува дека екипажот ја исполнил речиси целата научна програма и дека Crew-12 е целосно подготвен да ја преземе следната ротација. Настанот, пак, останува потсетник дека и покрај технолошкиот напредок, вселената и понатаму претставува екстремна средина – во која човечкото здравје останува најчувствителниот фактор.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично