
На социјалните мрежи се шират измамнички објави за игри на среќа, кои лажно се претставуваат како активности на казина и автомат клубови што работат во рамки на АПИС, предупредуваат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа. Оттаму информираат дека станува збор за онлајн измами и апелираат граѓаните да бидат внимателни.
„Членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС како општествено одговорни компании, во интерес на заштита на сите граѓани, а особено младите кои се најфреквентни корисници на социјалните медиуми, во согласност со позитивните законски прописи ја известуваме јавноста за следното:
Веќе подолг временски период на социјалните мрежи масовно циркулираат лажно креирани дигитални вести кои во суштина се онлајн измама која има за цел да навлекува посетители кои свесно и со умисла се ставаат во заблуда дека наводно нашите компании-членки приредуваат онлајн игри на среќа. Овие измамнички вести упорно се пласираат на македонски и англиски јазик.
Сакаме јасно да ставиме до знаење дека казината „Фламинго“ (Гевгелија и Скопје), „Гранд Казино Адмирал“, „Луксор“, како и автомат клубовите „Астра“, „Адмирал“, „Апекс“, „Моцарт“ и „Спортлајф“ НЕ приредуваат онлајн игри на среќа согласно македонското законодавство за приредување игри на среќа! Лажните вести, кои измамнички го рекламираат спротивното се обид за злоупотреба на корпоративен углед на нашите членки. Оттука, добронамерно им препорачуваме на нашите посетители да се информираат од официјалните комуникациски канали на нашите членки“.
Од АПИС нагласуваат дека од нивна страна веќе се преземени сите неопходни законски дејствија за заштита на брендовите што се под закрила на Асоцијацијата.
„Очекуваме надлежните државни институции да ги преземат неопходните чекори за спречување вакви негативни појави“, се вели во соопштението.
Аналитика








