Врз кои основи се креираат проекциите за 2026 година во банкарскиот сектор? Пари ги праша банките – какви очекувања имаат за Новата година. На што можат да се надеваат граѓаните и компаниите, ќе има ли промени и какви новини се предвидени да се реализираат, кои се најголемите ризици и колку се подготвни да ги апсорбираат.
Комерцијална банка:
Кредитирањето расте со забрзана динамика. На ниво на банкарски систем континуирано има повисока кредитна изложеност кај потрошувачките кредити споредено со станбените. Но, во растот предводат станбените кредити.
Во моментот, сѐ уште е рано да се каже какви ќе бидат ефектите врз кредитирањето на населението од последните макропрудентни мерки на НБРМ. Но, интересот кај населението за купување станови сѐ уште е голем, така што може да се очекува натамошен раст на кредитирањето во овој домен.
Што се однесува до каматните стапки на кредитите, постои голема веројатност да има намалување затоа што стапката на инфлација е на релативно прифатливо ниво. Тоа во голема мера ќе зависи и од надворешните влијанија, а за жал геополитичките тензии во моментот сѐ уште се многу нагласени.
Очекувањата за штедењето остануваат позитивни и стабилни. Навиката за штедење кај македонските граѓани е една од нивните најсилни финансиски доблести и доказ за одговорен однос кон личните финансии, изградена и одржувана со децении. Растот на вкупните депозити во банкарскиот сектор, како и високото учество на денарските депозити, јасно укажуваат дека довербата во банките не само што се задржува, туку и се зајакнува.
Комерцијална банка, како столб на довербата на граѓаните веќе 70 години, останува еден од клучните носители на оваа стабилност.
Банката ќе биде фокусирана на дигитални, ефикасни и персонализирани финансиски решенија секаде каде што е потребно за максимално задоволство на клиентот и за континуитет на довербата, која има цврсти темели благодарејќи на 70-годишната професионална поддршка за секој наш клиент.
Дигитализацијата останува во фокусот со цел клиентите да добијат полесен, побрз и побезбеден пристап до целото свое финансиско портфолио и за сѐ што им треба од Комерцијална банка, во секое време и од секое место. Тоа значи проширување на палетата производи и услуги достапни преку мобилното и интернет банкарството. Комерцијална банка за 2026 година има планирано инвестиции од 13 милиони евра во дигитализација на процесите и на услугите кон клиентите.
Ќе се посветиме уште повеќе и на младите затоа што тие заслужуваат посебна поддршка и затоа што младите треба да ги задржиме во земјата.
Главниот предизвик, но и можност, ќе бидат зајакнувањето на врската меѓу технологијата и луѓето, банкарството и секојдневниот живот, економскиот раст и општествената одговорност. Нашата цел е тоа да го постигнеме преку зголемена, одговорна и практична употреба на вештачката интелигенција, иновации во производите и услугите, одговорни инвестиции, поддршка на зелени проекти и поголема финансиска и дигитална инклузија.
Во однос на макроекономските и монетарните услови, очекуваме релативно стабилно ниво на стапката на инфлација и во такви услови извесно намалување на каматните стапки. Тоа секако најмногу ќе биде под влијание на надворешните фактори, како што се монетарната политика на САД и на ЕЦБ и решавањето на конфликтот во Украина, бидејќи Македонија како мала и отворена економија е подложна на овие влијанија.
Банките и во следниот период ќе задржат солидна профитабилност и од која, повторно може да се очекува, значителен дел да оди за резерви, што ќе претставува дополнително добра заштита за целокупниот банкарски сектор.
Подготви: Маја Анастасова
Аналитика








