За решавање на еколошкиот проблем и за расчистување на малата депонија во скопски ОХИС контаминирана со линдан, обезбедени се дополнителни 12 милиони евра. За имплементацијата е предвиден период од три години, во кој би требало да бидат заокружени сите преостанати теренски активности. Ова е овозможено со продолжуваето на договорот за партнерство меѓу Владата и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) за ремедијација на малата депонија, а потписите беа ставени во Владата.
Континуираната интервенција ќе овозможи безбедно отстранување и управување со опасниот отпад, во согласност со меѓународните еколошки и стандарди за безбедност и здравје при работа, со што значително ќе се намалат ризиците по јавното здравје и животната средина за околните заедници.
„Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање“, изјави владиниот гемнерален секретар, Игор Јанушев, додавајќи: „Со комбинирање на националното лидерство и меѓународната експертиза, создаваме услови за безбеден, темелен и одржлив процес на ремедијација“.
Ремедијацијата на малата депонија, која се состои од 5 бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени 1969 тони HCH отпад и 586 тони контаминирана почва, приближно 60 отсто од планираното чистење. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка, информираат од владината прес-служба.
Продолжувањето на партнерството се очекува да овозможи целосно завршување на работите за ремедијација на малата депонија. Активностите за ремедијација предвидуваат ископување, пакување, привремено складирање, транспорт и отстранување на HCH отпадот и контаминираната почва и невно согорување.
„Комплексното наследено загадување не може да се реши од една институција поединечно“, истакна Микела Телатин, директорка на Мултидржавната канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа. „Овој проект покажува како партнерството, довербата и јасно дефинираните улоги можат да донесат конкретни еколошки и здравствени придобивки за заедниците, истовремено обезбедувајќи ремедијацијата да се спроведува безбедно и одговорно“.
Воедно, од сето ова се создаваат предуслови за иницирање на ремедијациски работи на поголемата депонија контаминирана со линдан на локацијата на поранешната фабрика ОХИС.
Аналитика








