ПОВЕЌЕ

    ДЗР: Седум од десет проекти финансирани од ФИТР не носат приходи

    Време зa читање: 5 минути

    Фондот за иновации и технолошки развој лани функционирал со сериозни институционални, финансиски и управувачки слабости. Ова го утврди Државниот завод за ревизија, кој за работењето на ФИТР – институцијата која треба да поттикнува иновации и изградба на конкурентна економија, изрази неповолно и мислење со резерва за реалноста и објективноста на минатогодишните финансиски извештаи.

    „Со извршената ревизија за 2024 година утврдено е дека ФИТР нема воспоставено механизам за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши нивна длабинска деловна и финансиска анализа. На крајот на известувачкиот период искажува неподмирени обврски во износ од 13.863.000 евра“, наведено е во извештајот на Државниот завод за ревизија.

    Притоа се додава дека се утврдени слабости и недоследности кои укажуваат на потреба од подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и целосно почитување на законската регулатива.

    Поради утврдени неправилности, ревизијата изрази неповолно мислење за финансиските извештаи на основниот буџет и усогласеноста со законската регулатива, како и мислење со резерва за самофинансирачките активности.

    „Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет (603) и мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година на сметката на буџет од самофинансирачки активности (787)“.

    Еден од најсериозните наоди се однесува на обврските. На крајот на 2024 година ФИТР прикажал значителен износ на ненамирени обврски, а дел од нив воопшто не биле евидентирани.

    „Ревизијата утврди слабости во евидентирањето на обврските на ФИТР, при што дел од обврските не се навремено и целосно прикажани во сметководствената евиденција. Иако на 31 декември 2024 година обврските кон добавувачи во земјата се прикажани во износ од 853.964 илјади денари, односно 13.863.000 евра, со извршениот увид во приложената документација и од спроведените аналитички постапки се утврдени дополнителни неевидентирани обврски по различни основи и тоа: договори за дело, евалуација на проекти, надоместоци за управни тела, во вкупен износ од 9.369 илјади денари, односно 152.094 евра.

    Извршен е попис само на обврските кон корисниците на финансиска поддршка за кои е одобрен квартален/завршен извештај од мониторинг, а не и на вкупно евидентираните обврски кон корисниците, поради што салдото на краткорочни обврски спрема добавувачи утврдено од страна на пописната комисија се разликува од салдото на обврски евидентирани во сметководствената евиденција со состојба на 31.12.2024 година за 488.343 илјади денари“, запишале државните ревизори.

    Исто така, констатирано е дека годишната и среднорочната програма за работа не овозможуваат јасна слика за потребните средства и динамиката на исплатите.

    „Годишната програма за работа на ФИТР за 2024 година, со исклучок на мерките и активностите од Столб 1 – Финансиска поддршка на приватниот сектор, не содржи финансиски показатели за вкупните средства и средствата по одделни мерки, инструменти и активности. Поради тоа што проектите од Столб 1 во најголем дел се реализираат подолго од една година, со Програмата не е дадена реална слика за потребните финансиски средства во 2024 година, ниту е наведено колкав дел од средствата се наменети за тековната година, а колкав за исплата на пренесени обврски од претходни години“.

    Воедно, се вели, дека Среднорочната програма за периодот 2025–2027 година не содржи „динамика на повици, проекција за исплата на средства кон корисниците, ниту финансиски показатели по инструменти и по години, што влијае на транспарентноста на работењето и не овозможува оценка дали управувањето со буџетските средства е во согласност со буџетските начела утврдени со Законот за буџетите“.

    Исто така, ФИТР нема воспоставено систем за следење на доделената финансиска поддршка, а „не се преземаат ниту мерки за систематско и сеопфатно следење на постигнатите резултати од поддржаните проекти по нивното завршување, ниту се врши длабинска деловна и финансиска анализа“.

    Ревизијата утврдила и проблеми со судир на интереси и избор на евалуатори, како и слабости во транспарентноста и усогласеноста при јавните повици: „Дел од вработените/ангажирани по договор за дело и членови на УО не секогаш потпишуваат изјави за судир на интереси, а директорот на ФИТР воопшто се нема изјаснето… Начинот на избор на стручните лица за евалуација на проектите не се врши во согласност со предвидените подзаконски акти“.

    Во извештајот е посочено дека ненавремени мониторинзи и исплати довеле до застој кај реализацијата на проектите: „Во периодот од декември 2024 година до јуни 2025 година не е извршен мониторинг… што резултира со доцнење на исплатите кон корисниците и застој на реализацијата на проектите“.

    Освен тоа, анализата на завршените проекти покажува ограничени економски ефекти. „Само три проекти остваруваат приходи, додека седум не остваруваат приход од реализираните активности“, забележале ревизорите. Притоа, 1.293.856 евра се насочени кон проекти кои не остваруваат приходи.

    Ревизијата укажува и на концентрација на средства кај поврзани лица и сектори: „Исти физички лица се јавуваат како управители и/или сопственици во повеќе правни лица кои добиле средства од ФИТР“. Најголем дел од средствата завршиле во ИТ и инженерски проекти: „40.225.079 евра или 46,78% од вкупно доделените средства се насочени кон информатичка и инженерска технологија“.

    Наведено е и дека со новата законска рамка, ФИТР престанува да постои.

    „Со донесувањето на Законот за иновациската дејност… се формира Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво… со што престанува да постои Фондот за иновации и технолошки развој“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично