Од првиот ден на Новата година домаќинствата ќе плаќаат поскапа струја за 2,28 насто. Цените ќе бидат повисоки во сите четири блок, а промените ја опфаќаат и евтината тарифа, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика.
Тој процент се однесува за 85 отсто од домаќинствата, чии сметките во просек ќе се зголемат од 57 до 70 денари, посочи претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Како што наведе, цената на потрошената електрична енергија во првиот блок ќе биде повисока за 2,45 проценти. Предлогот на ЕВН Хоу бил – поскапување за 7,66 проценти.
И кај вториот блок има расчекор, односно барањето било 8,54 проценти, а РКЕ одлучило корекцијата на цената да биде за 2,87 проценти.
Во третиот блок цената ќе се зголеми за 3,32 насто наспроти побараните 9,63 насто од ЕВН Хоум. Исто така, за четвртиот блок бил предложен раст на цената за 11,86 насто, а РКЕ определиле 3,84 насто.
Евтината струја што граѓаните ја користат од 13 до 15 часот во работните денови, во ноќните часови и во недела, од 1 јануари ќе биде поскапа за 2,50 насто. Од ЕВН Хоум предложиле зголемување за 3,96 насто.
„Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во прв и втор блок ќе се зголемат за 2,59 проценти, додека за оние коишто имаат потрошувачка и во трет блок сметката ќе се зголеми за 2,79 насто“, изјави Бислимоски.
Податоците на РКЕ покажуваат дека вкупно 64 отсто од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, додека на скоро 21 отсто им се тарифира и во вториот блок. Третиот блок го користат 1,73 отсто од потрошувачите.
Аналитика








