На дводневна работилница во Скопје, раководствата, учениците и наставниците од регионалните центри за стручно образование и обука ќе учат како да изработуваат бизнис планови за основање на реални училишни компании, под менторство на професорите и студентите од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Придобивките што ќе се обезбедат се бројни, а најважно е што ќе се зголемат практичните можности за учениците и училиштата ќе добиваат дополнителен приход.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на почетокот на работилницата што се одржува на Економскиот факултет, нагласувајќи дека очекува многу скоро да бидат отворени и првите реални училишни компании во склоп на овие образовни установи.

„Реалните училишни компании придонесуваат за развој на претприемничките и деловните вештини кај учениците, што значи подобра подготовка за вклучување во економијата. Исто така, вршењето на дополнителна комерцијална дејност на училиштата им носи приход кој може да помогне за обезбедување на одржлив развој и континуирано унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека во моментов има седум регионални центри за стручно образование и обука, а следата година треба да се формира и осмиот, последен. Во центрите досега не се основани реални училишни компании. Изрази благодарност до Економскиот факултет, но и до Швајцарската амбасада што ја поддржуваат оваа иницијатива, како и до раководствата и вработените во регионалните центри за интересот да ја прошират дејноста на образовните установи во согласност со Законот за стручно образование и обука.
На отворањето на работилницата се обратија и деканот на факултетот, проф. д-р Мијалче Санта, како и професорите Александра Јанеска Илиев и Стојан Дебарлиев.
Аналитика








