ПОВЕЌЕ

    Железница ќе се поднови со нови локомотиви, ќе се земе поволен кредит од ЕБОР

    Време зa читање: 3 минути

    Анализата на возниот парк на железницата покажала дека за превоз на стоки се потребни повеќе локомотиви. Состојбата ја анализирала Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и дала зелено светло за кредит од 20,9 милиони евра. Во Собранието е доставен Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД.

    Главната цел на проектот е да се зголеми бројот на локомотиви што се на располагање за давање на услуга за транспорт, а со тоа да се зголеми можноста за транспорт на стоки и генерирање приходи на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје“, пишува во Предлог-законот.

    Врз основа на компаративна анализа спроведена од независен консултант ангажиран од ЕБОР, препорачано е да се спроведе набавка на најмногу до пет електрични локомотиви.

    Новите локомотиви ќе бидат произведени со високо техничко ниво и се предвидува обука на возниот персонал и поддршка при пуштањето во употреба на возилата и при преземањето на почетниот период на одржување. Исто така, набавката треба да ги вклучува сите потребни специјални алатки, резервни делови за да се овозможи воспоставување режим на одржување за размена на компонентите на возилата“, пишува во Предлог-законот.

    Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 годиниКаматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент. Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 20 јануари и 20 јули секоја година. Државата ќе ѝ плати на ЕБОР и еднократна провизија во висина од 1%. За неповлечени пари провизјата е половина процент.

    Со овој кредит ќе му се помогне на возниот парк на Железница, но во Бизнис-планот за 2025 година што го изготвил МЖ-Транспорт се гледа дека таму треба уште многу да се инвестира.

    За извршување на планираниот обем на работа и возниот ред за 2024/2025 година ЖРСМ Транспорт АД-Скопје потребно е да располага со исправни влечени капацитети. Состојбата на влечните капацитети е на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност. Причините за сегашната состојба на влечните капацитети се должи на старосната структура на капацитетите, и ненавремените инвестиции во средни и големи поправки“.

    Од претпријатието информираат и дека вкупниот инвентарски парк на товарните вагони изнесува 1.382 вагони. Oд кои, со важечка ревизија се 510 вагони, за ревизија доспеваат 870 вагони.

    Освен 150-те нови вагони од серија S и E, структурата и видот на товарните вагони не одговара во целост на потребите за превоз по видови на стока. Старосната структура е неповолна, eксплоатациониот век се движи помеѓу 37-42 години“, пишува во документот.

    Низ годините железницата го губеше своето значење. Се намали патничкиот и товарниот сообраќај. За да се обноват потребни се и големи инфраструктурни инвестиции.

    НАД 3 МИЛИОНИ ТОНИ СТОКА „ПАТУВАЛА“ СО ЖЕЛЕЗНИЦА ПРЕД 14 ГОДИНИ, сега тоа е мисловна именка

    Факт е дека приходот од товарниот сообраќај за 2025 година се планира да изнесува 7,8 милиони евра. Овие приходи не се доволни да ги покријат ниту трошоците кои, според предвиденото, треба да изнесуваат 13,6 милиони евра, со што за годинава се очекува загуба од 5,7 милиони евра.

    К.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично