ПОВЕЌЕ

    Банките располагаат со 10,3 милијарди евра депозити, а одобриле 8,8 милијарди кредити      

    Време зa читање: 3 минути

    Депозитната база кај домашните банки се зголемила за 11 насто, а дадената кредитна поддршка за 12,7 насто. Движењата се на годишна основа, додека месечните регистрирани во ноември се позитивни 0,3, односно 1,3 насто. Достигнати се износи од 10,29 милијарди евра кај депозитите и 8,82 милијарди евра кај кредитите.

    Штедењето најсилниот поттик го има од граѓаните. Нивните средства доверени во банките се  малку под прагот на седум милијарди евра (6,97 милијарди евра). Во текот на ноември бележат раст од 0,4 насто. Таа промена, велат од Народната банка, во поголем дел произлегува од зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и на долгорочните депозити во денари. Споредено со истиот лански месец, повисоки се за 12,4 насто.

    Задолженоста на населението во 11-от месец се зголемила за 1,1 насто, а годишно за 11,1 насто. Оттаму, македонските домаќинства користат банкарски кредити од вкупно 4,46 милијарди евра. Нагорните движења се засновани на зголеменото и денарско и девизно кредитирање, но предност има задолжувањето во домашната валута.

    И натаму најбарани се потрошувачките кредити, чиј ноемвриски износ е 2,28 милијарди евра, претходно нараснат за 0,9 проценти (10,5 % годишно).

    Граѓаните користат 1,74 милијарди евра на име станбени кредити. На месечна основа растот е за 1,6, а на годишна за 16,6 насто.

    И месечно и годишно зголемување од 1,6, односно 0,4 проценти има кај кредитите со намена купување автомобил. Исто како и негативните салда на тековните сметки, кои се проследени со месечен од 5,0 насто и со годишен раст од 0,9 насто. Намалување, пак, е евидентирано кај задолжувањето преку кредитни картички – за месечни 0,5 отсто и за годишни 6,4 отсто; и кај кредитите одобрени врз други основи – минус 0,8 отсто месечно и минус 10 отсто годишно.

    Вкупните депозити на корпоративниот сектор изнесуваат 2,88 милијарди евра. На месечна основа се повисоки за 0,5 насто, главно под влијание на растот на депозитните пари. Годишниот раст изнесува 9,3 насто.

    Токму компаниите и потребата од средства имаат најголемо влијание врз кредитната активност на банките. Во ноември вкупните кредити на корпоративниот сектор се во износ од 4,32 милијарди евра, со месечна промена од 1,5 насто. На годишна основа, побарувачката за кредити е повисока за 14,5 насто. Воочливо е декаа и бизнисите најчесто се определуваат за денарските задолжувања.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично