
Одлуката да се започне сопствен бизнис секогаш е комбинација од лична иницијатива, економски услови и идни очекувања. Во време на глобални геополитички тензии, забавен економски раст и рестриктивни финансиски политики, отворањето нова фирма е голем предизвик. Тоа претставува ризик и обид за фаќање чекор со променливите пазарни текови, особено во земја каква што е нашата, каде што покрај сите проблематични околности, значајна е и улогата на неформалниот сектор. Распространетото сивило уште на самиот старт ја гуши конкурентноста на легалните бизниси.
Во третиот годишен квартал во Македонија се регистрирани 1.838 нови фирми. Најголемиот дел од нив се во Скопје. Банките, пак, се првата адреса на која се обраќаат за отворање сметки. Анализата што Пари ја направи врз основа на податоците од БизнисМрежа покажува висок степен на концентрација кај петте големи банки. Таму се наоѓаат 1.510 од новите сметки, или 82,15 насто.
Како и во претходните неколку години, и во ова тримесечје првиот избор на основачите на нови бизниси е Халк банка, со отворени 520 сметки од новоформираните фирми, што претставува речиси една третина (28,29 %). Следуваат Комерцијална банка со 364 и НЛБ банка со 288 нови фирми. Во првата петорка се и Стопанска банка ‒ Скопје (205) и Шпаркасе банка (133). Останатите банки имаат помало учество.
Извор: БизнисМрежа
НАЈГОЛЕМ ИНТЕРЕС ИМА ЗА СЕКТОРОТ ДРУГИ УСЛУЖНИ ДЕЈНОСТИ
Што се однесува до видот на отпочнатите бизниси, најголем дел од иницијаторите – 369, се одлучиле за други услужни дејности. Тука спаѓаат фризерски и козметички салони, перење и хемиско чистење, поправки на компјутери и апарати за домаќинство, како и низа други индивидуални услуги. Голем е и интересот за трговијата на големо и на мало. Отворени се 333 нови фирми.
Секторот стручни, научни и технички дејности во претпоследното годинешно тримесечје се проширил со 180 нови фирми, градежништвото со 160, а сместување и послужување храна со 148 фирми.
Извор: БизнисМрежа
ТОП 5 ДЕЈНОСТИ И ТОП 5 БАНКИ
Кога станува збор за изборот на банка, Халк банка ја одбрале за партнер 116 фирми што се отвориле во трговија на големо и на мало. Исто така, и во Шпаркасе банка предничат новоотворените фирми од таа област (24).
Во Комерцијална банка доминираат фирмите од други услужни дејности – 107. Фирмите од таа дејност се исто така најбројни и во НЛБ (62) и во Стопанска банка ‒ Скопје (56).
Секако, значајно присуство бележат и стручните, научни и технички дејности, што упатува на постепено зајакнување на бизнисите базирани на знаење и услуги со повисока додадена вредност.
Извор: БизнисМрежа
МИКРОФИРМИТЕ ДОМИНИРААТ – ДООЕЛ Е НАЈЧЕСТ ИЗБОР
Вообичаено, според вид субјект, апсолутна е доминацијата на формата ДООЕЛ. Само во кварталната евиденција на Халк банка се заведени 334 нови фирми од овој тип. Потоа, во Комерцијална банка биле отворени 177, а во НЛБ банка 169 сметки. Сѐ на сѐ, и натаму најпопуларни се микробизнисите, најчесто основани од еден сопственик, со ограничен почетен капитал и со фокус на локалниот пазар.
ДОО фирмите се помалку атрактивни, додека гломазниот формат е минимално застапен ‒ во претпоследното тримесечје е регистрирано само едно акционерско друштво. Забележителен е и бројот на субјекти регистрирани како „друго“, вклучително и поврзаните со локалните избори, што делумно го објаснува растот во оваа категорија.
Извор: БизнисМрежа
НАЈМНОГУ БИЗНИСИ СЕ ОТВОРААТ ВО СКОПЈЕ
Територијалната распределба на новите фирми означува силна централизација, што и не е некоја новина. Со 847 новоосновани фирми, Скопје зафаќа речиси половина од вкупниот број. Сопствениците на новите фирми во главниот град за банка партнер најчесто ја бираат Халк банка. Во третиот квартал за неа се определиле 300 фирми, за Комерцијална банка 189, а за НЛБ банка ‒ 132. Скопската Стопанска банка била избор на 71, а Шпаркасе банка на 52 фирми.
На територијата на државата, по Скопје, најголемата активност во формирањето бизниси е лоцирана во Битола (88), каде што меѓу банките фаворит е НЛБ банка (16). На листата ТОП 5 градови со најмногу нови фирми се и Охрид (79), Тетово (70) и Струмица (54). Од аспект на овие бројки, тоа се регионалните деловни јадра, особено за трговија, услуги и туризам. Уште е забележливо дека во Струмица ориентацијата е кон Халк банка и НЛБ банка, со отворени сметки од по 12 фирми. Зад нив е Комерцијална банка (11).
Извор: БизнисМрежа
Без оглед на сите поплаки за неповолната деловна клима, претприемничкиот дух е присутен и во третиот годишен квартал. Сепак, според бизнис-определбите, отворањето фирма најчесто е со цел за самовработување, па и преживување.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








