ПОВЕЌЕ

    Со новиот систем Царината ќе гo разобличува криминалот и ќе ја олесни легалната трговија

    Време зa читање: 3 минути

    Унапредување на контролата на севкупниот увоз, извоз и транзит, сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси, полнење на државната каса, олеснување и забрзување на легалната трговија се придобивките што треба да произлезат од современиот Систем за анализа на ризик и податочен склад. Царинската управа ја доби можноста за модернизација на работењето од Република Кореја, која обезбеди грант од 4,75 милиони долари.

    Исто така, беше посочено на денешната промоција, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.

    „Податоците за целиот увоз, извоз, транзит, за акцизната стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот, каде што се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно, обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, сè со цел да се спречат обиди за царинска измама. Во делот на спречување на обидите за криминал, од суштинско значење е и анализата на податоците за патници во воздушниот сообраќај што ни овозможува поефикасно таргетирање на високоризични профили на патници“, нагласи директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

    Со подготвената студија за изводливост, проектот датира од 2021, а завршницата е резултат на посветеноста и блиското партнерство меѓу двете влади, посочи комесарот на Корејската царинска служба, Лимјон Ку.

    „Од 2008 година Корејската царинска служба го воведе системот за Е-царинење УНИПАС во 16 земји, и нивниот износ беше 329,37 милиони долари. Овој проект од 4,75 милиони долари е особено значаен за Северна Македонија, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион“, наведе Ку.

    Царинската управа доби и две кучиња од Кореја, кои ќе бидат дел од тимот К9.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично