
Комбинацијата од пониски цени на нафтата на светските пазари и зајакнувањето на руската рубља сериозно ги погодува приходите на Москва од извоз на енергенси. Според анализите на Ројтерс, Русија во декември ќе инкасира речиси 50 проценти помалку средства од нафта и гас во споредба со истиот месец лани, што претставува најниско ниво во последните пет години.
Се очекува државните приходи од овој сектор да достигнат околу 5,15 милијарди долари, односно 410 милијарди рубли, што е речиси преполовување во однос на декември минатата година. Последен пат ваков приближен приход беше забележан во август 2020 година, во екот на пандемијата, кога падот на глобалната побарувачка доведе до нагло намалување на цените на нафтата.
Негативниот тренд започна уште во ноември, кога приходите од нафта и гас се намалија за околу 35 проценти на годишно ниво. Причина за тоа беше поевтинувањето на руската сурова нафта, дополнето со посилната национална валута, што директно влијае врз вредноста на извозните приходи изразени во рубли.
Нафтата и гасот остануваат клучниот столб на рускиот државен буџет, а токму од овие средства се финансира значаен дел од трошоците поврзани со војната во Украина. Сепак, покрај глобалните пазарни фактори, дополнителен притисок врз приходите создава и зголемениот попуст на водечката руска сурова нафта „Урал“.
По воведувањето на нови американски санкции кон крајот на октомври, насочени кон најголемите руски нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, разликата меѓу цената на „Урал“ и референтниот Брент се прошири на највисоко ниво од мај 2023 година. Ова значително го намалува износот што Русија го добива за секој извезен барел.
Истовремено, се намали и вкупниот извоз на руска нафта и нафтени деривати. Во ноември испораките паднаа за околу 420 илјади барели дневно, сведувајќи го извозот на 6,9 милиони барели дневно, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија. Купувачите, според агенцијата, внимателно ги проценувале ризиците поврзани со американските санкции пред да склучуваат нови договори.
Комбинацијата од пониски испораки, пад на цените и проширениот попуст на „Урал“ доведе до тоа приходите од продажба на руска нафта во ноември да се намалат на околу 11 милијарди долари. Тоа е за 3,6 милијарди долари помалку во споредба со истиот период минатата година, проценува ИЕА.
(Фото: Aerra Carnicom, Wikimedia Commons CC BY-SA 4.0)
Аналитика








