Милена Таскова, која денес авионски патуваше од Скопје до Бари е тримилионитиот патник кој годинава минал низ Меѓународниот аеродром „Скопје“. Од ТАВ Македонија како подарок доби бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании, како и два гратис билети од „Визер“.
Воедно, ова е првото вакво случување забележано на годишно ниво во авио-сообраќајот во земјава, посочи вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„Драго ми е што ова семејство што денеска патува до Бари ја има среќата да биде тримилионитиот патник на скопскиот аеродром. Ако споредиме со нешто што се случуваше пред 10, 20 и 30 години, ова би било незамисливо. Со ова, аеродромот во Скопје станува центар за целиот регион“, рече Николоски, додавајќи дека бројноста на патниците е во континуиран раст, што се одразува и на туризмот.
Придонес за тоа имаат и новите авиолинии. Според него, од ланскиот септември наваму, од двата аеродроми – скопскиот и охридскиот, воспоставени се летови до 21 дестинација, со што Македонија предничи во регионот.
„Бројките не се случајни и не случајно скопскиот аеродром заврши со 3,2 милиони патници, а охридскиот со над 300 илјади патници. До крајот на годината очекуваме да има над 3,5 милиони патници“, смета Николоски.
Исто така, најави дека идната година ќе има и нови поврзувања. На 6 април ќе се стартува сп авиолиниите Скопје – Наполи и Скопје – Будимпешта. Нешто подоцна, од 28 јуни, патниците ќе имаат можност од Охрид да патуваат до Катовице, Вроцлав и до Милано. Исто така, ќе се активира и редовната линија на „Аустриан ерлајнс“, Охрид – Виена.
Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, од преземањето на аеродромите во 2010 година, бројот на патниците е зголем за пет пати.
„Првата 2010 година од работењето заврши со 674 илјади патници на скопскиот аеродром, во 2014 година го достигнавме првиот милион, а во 2018 година го имавме двамилионитиот, а денес го имаме тримилионитиот патник“, рече Курт.
Аналитика








