ПОВЕЌЕ

    Секој јавен денар на увид преку новата Платформа – Немаме што да криеме, порача Мицкоски

    Време зa читање: 3 минути

    Целосна контрола за тоа како се трошат јавните пари ќе имаат граѓаните преку Платформата за следење на проектите финансирани од Владата. Ова не е само технички систем, тоа е порака дека државата е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства, нагласи премиерот Христијан Мицкоски. Според него, оваа платформа ја симболизира владината заложба за интегритет, чесност и јавен надзор над сите инвестиции.

    „За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно да го следи текот на проектите што ги финансира Владата. Токму така треба да функционира една европска држава. Со оваа Платформа ја отвораме работата на институциите и воспоставуваме нова рамка на доверба, каде што јавноста не чека одговори – туку ги има пред себе“, посочи Мицкоски.

    Како што рече, транспарентноста не е формална обврска, туку е суштинско демократско правило, основа на довербата, стабилноста и на вистински одговорните политики. Затоа, истакна – Платформата е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните.

    „Посебно е важно што медиумите, како столб на демократијата, добиваат моќен алат. Со само неколку кликови ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација. Ова значи вистинска поддршка на истражувачкото новинарство, на јавната отчетност и на информирано граѓанско учество. Ниту еден проект веќе не е ‘некаде таму’ скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, рече Мицкоски.

    Воедно, ги наброи и досегашните активности во овој домен, во раките на првиот јавен повик. Се работи за 288 проекти финансирани од Владата, со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. Сите тие се започнати, со склучени договори со економските оператори. Од нив  193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште шест проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација ќе стартува наскоро.

    Со вториот јавен повик за финансирање на општините со унгарскиот кредит, опфатени се 828 проекти со вкупна вредност од 13,8 милијарди денари (над 225 милиони евра). Над 50 проекти се завршени или во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивната реализација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично