По 12-часовниот прекин, ноќва е нормализиран железничкиот сообраќај во земјава. Синдикатот на машиновозачи на Македонија отстапи од бојкотот, како резултат на преговорите што се воделе синоќа со раководството на МЖ Транспорт и со претставници на Министерството за транспорт. Дел од нивните барања се исполнети, а дијалогот со раководството ќе продолжи.
„Имавме преговори кои вродија со плод, дел од барањата се исполнети и колегите одлучија за да не се прават дополнителни трошоци, бојкотот засега да се прекине. Сообраќајот е нормализиран ноќеска во 01.30 часот. Првиот воз замина за Кумано во 4.57“, изјави за МИА Тони Димовски, претседател на Синдикатот на машиновозачи на Македонија и претставник на машински и извршен персонал во МЖ Транспорт.
Спорд Димовски, во тек на бојкотот што почна вчера во 13.30 часот, биле стопирани сообраќања на пет патнички воза, два за Битола, и по еден за Куманово, Гевгелија и за Велес. Кај товарните возови немало застои освен доцнењата поради активности на пругите.
На 2 октомври до раководството на претпријатието биле доставени 15 барања. Резултати немало, па уследила одлуката за бојкот. Дел од барањата се исплата на прекувремени часови, бонус плата за над 150 прекувремени часови, зголемување на коефициентот за 0,80 поради зголемени животни трошоци, исплата на додаток од 10 насто на платата за вонредно повикување на работа.
Аналитика








