Во Центарот за управување со кризи денес беше одржан итен координативен состанок на кој присуствуваа директорот на ЦУК, Мухамед Али, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставници од сите надлежни институции и служби, на иницијатива на општината, информираа денес од Центарот.
Состанокот беше свикан поради појавеното обрушување на земјиште на Водно, во близина на улиците Белградска и Партеније Зографски.
Присутните институции ја разгледаа состојбата на терен, ризиците по околните објекти и потребата од итно преземање мерки за стабилизирање на критичната зона. Договорено е заедничко координирано дејствување, засилен надзор и изработка на ургентен план со цел спречување на понатамошно лизгање на земјиштето.
Заклучоците од состанокот ќе бидат официјално проследени до Владата на Република Северна Македонија за натамошно постапување, беше наведено во соопштението.
Свлечишта на падините на Водно не се нова појава. Тие зачестуваат при периоди на подолготрајни врнежи. На 31 мај годинава Општина Кисела Вода објави соопштение дека поради свлечиште е затворен патот кој води до Теферич, односно улица Мариовска и најави негова санација. Оваа делница веќе неколкупати е поправана токму поради пропаѓање на земјиштето на кривината, непосредно во подножјето на источната страна на Водно, под патот за Сончев Град.
И самиот пат за Сончев Град, чија изградба почна во 2014 г одина и траеше се до 2017 година токму поради повеќето безуспешни обиди да се стабилизира големото свлечиште во делот наречен Лути Дол. Изградбата на патот, долг едвај четири километри, кој има статус на регионална сообраќајница R2138, чинеше преку шест милиони евра, но до ден денешен патот не е пуштен во употреба. Причината – опасност од лизгање на земјиштето.
Во јуни 2024 година се урна дел од потпорниот ѕид на улица „Белградска“, токму над Детската клиника. Тогашниот директор на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека подолго време пред уривањето добивале постојани пријави од граѓаните дека ѕидот е накосен и дека се наоѓа во лоша состојба. ЦУК тогаш ги известил Министерството за здравство, Град Скопје, Општина Центар и МВР, но никакви суштински мерки не биле преземени.
Со оглед дека ова свлечиште директно му се закануваше на Клинички центар, како привремено решение требаше да се изгради ограден-попорен ѕид од страна на Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар. Град Скопје, пак, требаше да изработи хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на што би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање.
Во октомври 2021 медиумите известија за одрон на земјиште на незаштитен дел на градилиште на улицата Партениј Зографски, за кое локалното анселение со протест ги предупреди надлежните дека може да ги проголта трите околни куќи. Имено, длабоката градежна јама, попуштила на спротивната страна од куќите и се заканува да ја поткопа улицата, која пак им е единствен пристап до дома на десетина куќи. Земјата се изронила со силен тресок, изјавиле очевидците.
Низ повеќе години еколошки организации и граѓански здруженија, како и медиуми алармираа и објавуваа мислења на релевантни стручни лица за „постепено уништување“ на Водно — неконтролирани градежни активности, масовна сеча на дрвја, помали и поголеми локални свлечишта и ерозии, но досега немаше официјална реакција ниту од локалните власти ниту од државата.
Ј.Дуковска
Аналитика








