Уставниот суд не донел одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите. Но, и да се донесе таква одлука, таа нема да ги опфати парите што на овој начин ги добија пензионерите. Ова е одговорот на уставните судии предизвикан од денешниот настап на премиерот Христијан Мицкоски, кој од собраниската говорница рече дека одлуката е и донесена и потпишана, изразувајќи загриженост дека 70 отсто од пензионерите се оштетени.
Судиите од Уствниот суд посочуваат дека во нивниот фокус е членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување усвоен летоска. Во тек е втората фаза од постапката.
„За предметот У.бр.13/2025, за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите, во јавноста познато како линеарно зголемување не едонесена одлука. Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката, во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на законот, по што ќе следува конечна одлука“, информираат од Уставниот суд.
Воедно, нагласуваат – кога ќе биде закажана седницата на која ќе се гласа, јавноста ќе биде известена. А, за претходно реализираните линеарни зголемувања, оттаму велат:
„Во врска со прашањата дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, Судот информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2.500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година), бидејќи на седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет“.
Претходно, пак, Мицкоски во одговор на пратеничко прашање рече:
„Последните информации се дека веќе одлуката е донесена и потпишана од нејзина страна (од уставниот судија Добрила Кацарска – н.з.) и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите, туку согласно процентите утврдени по законот“.
Како што заклучи на крајот: „Со ова ќе се нанесе неправда на пензионерите“.
Инаку, јулските измени предизвикаа реакции кај дел од пензионерите, па иницијативи за преиспитување на уставноста беа поднесени од десетици лица. Се смета дека им се нанесува неправда на тие со повисоки пензии, за кои во текот на работниот стаж биле плаќани и високи придонеси врз основа на нивните плати.
Аналитика








