Граѓаните добиваат уште една можност за безбедно и исплатливо вложување на вишокот пари, а државата наместо во странство, на домашен терен ќе се задолжи за нови 100 милиони денари, или 1,6 милиони евра. Министерството за финансии го објави Проспектот за издавање нова граѓанска обврзница, која на инвеститорите ќе им обезбеди камата од 4,5 насто.
Граѓанската обврзница е сигурен и безризичен инструмент, кој на граѓаните им е достапен на многу едноставен начин. Како што е предвидено, граѓаните ќе може до деловните банки да доставуваат понуди за запишување обврзници до 10 декември годинава. Аукцијата ќе се одржи на 12 декември.
Износот на една граѓанска обврзница е 10.000 денари. Воедно, тоа е минималната сума што може да се запише од страна на потенцијалните инвеститори. „Купонската каматна стапка изнесува 4,5%, а рочноста на обврзницата е 2 години“, информираат од Министерството.
Датумот на достасување на обврзниците е 19 декември 2027 година. Термините за исплата на каматите се 19 декември 2026 за првата и за втората година – 19 декември 2027 година.
Ова е трета емисија на граѓанска обврзница што ја издава Министерството за финансии. Двете емисии беа во вкупен износ од 41,1 милион евра и веќе се исплатени заедно со каматата за двете години. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра. Во претходните две емисии каматната стапка беше пет проценти.
Аналитика








