ПОВЕЌЕ

    Граѓаните им должат на банките 4,4 милијарди евра – Повеќе од половина се потрошувачки кредити

    Време зa читање: 3 минути

    Депозитната база на домашните банки во октомври се зголемила за 0,4 насто, достигнувајќи 10,26 милијарди евра, проследени со годишна стапка на раст од 11,8 насто. Со посилно темпо се одвивале кредитните активности. Месечното движење е од плус 0,6, а годишното од 12,1 насто, при што средствата пласирани кај населението и кај компаниите се во износ од 8,7 милијарди евра.

    Тоа значи дека во текот на октомври на банките им се доверени дополнителни 42,6 милиони евра. Истовремено, биле одобрени нови 49,8 милиони евра на име кредитно задолжување.

    Анализите на Народната банка потврдиле дека октомвриското зголемување на депозитите е исклучиво заслуга на граѓаните. Додека кај кредитите повисок е интересот и од двата сектори, но на месечно ниво се истакнуваат домаќинствата, а на годишно предноста е кај компаниите.

    Само во октомври, граѓаните депонирале 75,9 милиони евра, од каде произлегува месечниот раст од 1,1 насто. Годишната промена е за 14 насто. Воедно, централната банка регистрирала дека од вкупните депозити, 6,95 милијарди евра се населението.

    Паралелно со тоа, граѓаните, заклучно со десеттиот месец, им должат на банките 4,4 милијарди евра. Потребата за пари резултирала со месечно зголемување од 0,8 насто. Во октомври им биле исплатени 34,9 милиони евра. Годишниот раст е за 10,6 проценти. Задолженоста е и во денари и во девизи, но превагнуваат кредитите во домашната валута.

    Вообичаено, најбарани се потрошувачките кредити, кои во октомври достигнале 2,26 милијарди евра. Месечното зголемување е за 0,9, а годишното за 10,2 насто.

    Станбените кредити имаат месечен и годишен раст од 1,1 и од 16,1 насто. Вкупната сума што ја користат граѓаните за решшавање на суштинското прашање поврзано со домувањето, е 1,72 милијарди евра.

    Овој месец, велат од Народната банка, кај автомобилските кредити е забележано месечно и годишно намалување од 0,4, односно 1,9 отсто. Кредитите одобрени преку кредитните картички се непроменети на месечно, а на годишно ниво се опаднати за 6,8 отсто. Минусите на тековните сметки се пониски за месечни 4,5 и за годишни 8,4 отсто. Исто како и кредитите одобрени врз други основи, каде што се регистрирани падови од 0,6 отсто и од 9,5 проценти.

    Што се однесува до податоците за корпоративниот сектор, тие покажуваат дека нивните депозити се намалени за месечни 1,1 отсто или 32 милиони евра, а се во вкупен износ од 2,86 милијарди евра. Како што наведуваат од Народната банка, падот е резултат на намалените депозитни пари и долгорочните депозити во странска валута. Меѓутоа, споредено со октомври 2024 година, има зголемување од 8,1 насто.

    Кај компаниите се пласирани кредити од 4,25 милијарди евра. Во текот на октомври се зголемени за 0,4 насто, а годишната промена е од позитивни 13,7 насто. Тие движења, велат од централната банка, во целост се должат на „зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута“.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично