
Септември ја заокружи летната сезона со солиден туристички пулс, според Државниот завод за статистика, во земјава биле евидентирани 132.999 гости кои оствариле 262.686 ноќевања. Домашните туристи учествуваа со 24,6% од вкупните туристи и со 31,8% од ноќевањата, додека странските сочинуваа 75,4% од гостите и 68,2% од сите реализирани ноќевања. Најмногу посетители дошле од Турција – 32.950, потоа следат Србија со 8.830, Германија со 6.615 и Полска со 3.577 гости.
Динамиката е добра и на ниво на година, во периодот јануари-септември 2025, во однос на истиот интервал лани, вкупниот број туристи е зголемен за 5,8%. Движењата по сегменти се различни, кај домашните има мало намалување од 1,4%, додека кај странските е забележано зголемување од 9,6%, што го потврдува засилениот интерес на странските пазари за македонските дестинации. Во истото деветмесечје, вкупните ноќевања пораснаа за 0,9%, кај домашните се бележи пад од 3,8%, а кај странските раст од 7,0%.
Збирно гледано, септември ја одржа позитивната траекторија на туризмот со стабилна база на домашни патници и сè поизразено присуство на гости од регионот и од Европа, што ја шири сезоната и ја зајакнува наплатата во сместувачките капацитети. Трендот на повеќе странски гости и подолга изложеност на меѓународните пазари останува главниот двигател на растот до крајот на годината.
Аналитика








