
Ворен Бафет ја симнува капата и го напушта подиумот, но не и сцената. По речиси шест децении на чело на „Беркшир Хатавеј“, легендарниот инвеститор најави дека оваа година ќе биде неговата последна како извршен директор и автор на прочуените годишни писма до акционерите – традиција што со текот на времето стана библија за инвеститорите ширум светот. Но, Бафет, со својот препознатлив шарм и хумор, порача дека сè уште не исчезнува само ќе стане потивок.
Во своето последно писмо, насловено „Неколку завршни мисли“, 95-годишниот милијардер покажа мешавина од понизност, мудрост и самоиронија. „Како што би рекле Британците, ќе молчам“, напиша тој, а потоа со насмевка додаде: „Некако.“ Бафет соопшти дека повеќе нема да ја пишува главната порака во годишниот извештај, ниту ќе се обраќа на познатите акционерски собири во Омаха, кои со години беа славени како „Вудсток за капиталисти“. Сепак, вети дека ќе продолжи да им испраќа кратки пораки на инвеститорите за Денот на благодарноста како симболичен начин да остане поврзан со „своето семејство“ од акционери.
„Беркшир Хатавеј“ во меѓувреме ќе премине во сигурни раце. Грег Абел, потпретседателот задолжен за неосигурителните операции и човек кој Бафет го нарече „одличен менаџер, неуморен работник и искрен комуникатор“, официјално ќе ја преземе функцијата извршен директор на крајот од годината. Бафет во писмото го пофали наследникот, нагласувајќи дека „ги исполнил и повеќе од високите очекувања“ што ги имал кога првпат го замислил како свој следбеник.
Иако признава дека времето си го прави своето, Бафет увери дека се чувствува добро „се движам побавно и читам со поголеми тешкотии, но сè уште одам во канцеларија пет дена неделно,“ напиша тој. И токму таа негова посветеност ја симболизира суштината на човекот што од обичен инвеститор од Небраска изгради империја вредна повеќе од еден трилион долари.
Во последните години, Бафет забрзано ги зголемува своите филантропски донации, а неодамна конвертираше дел од своите акции во вредност од 1,35 милијарди долари за да ги донира на семејни фондации. Тој потврди дека целиот свој имот, вреден околу 149 милијарди долари, ќе оди во добротворни цели. „За да ја подобрам веројатноста дека ќе се ослободам од целиот имот пред доверителите да ме заменат, морам да го забрзам темпото на подароците“, се пошегува Бафет со својот препознатлив тон.
Но во своето последно обраќање, тој не зборуваше за акции, пазарни стратегии или економски изгледи. Наместо тоа, остави духовна порака, своевиден тестамент на човек кој го разбрал значењето на вистинската големина. „Не ја мерете величината по пари, слава или моќ,“ напиша тој. „Кога му помагате на некого, без разлика на кој начин, му помагате на светот. Љубезноста е бесценета, но исто така и без цена.“
Бафет ги советува своите следбеници да не дозволат жалењето да ги обесхрабри: „Не се критикувајте себеси за минатите грешки. Научете барем нешто од нив и продолжете понатаму. Никогаш не е предоцна да се подобрите.“ Тој ги потсети и на важноста на вистинските херои, наведувајќи го својот долгогодишен пријател Том Марфи како пример.
Во еден момент, Бафет ја сподели и приказната за Алфред Нобел, кој си го променил животот откако прочитал погрешен некролог за себе. „Не сметајте на грешка во редакцијата,“ предупреди тој. „Одлучете што сакате да пишува во вашиот некролог и живејте го животот што ќе го заслужи тоа.“
И, во свој стил, заврши со шега, но и порака што одекнува: „Им посакувам на сите што го читаат ова среќен Ден на благодарноста. Да, дури и на кретените; никогаш не е предоцна за промена.“
Со тоа, Бафет заминува не само како најуспешен инвеститор на своето време, туку и како човек кој го претвори капитализмот во уметност на доблест. Иако повеќе нема да ја држи перото во рака, неговите зборови ќе продолжат да тежат – тивки, но вечни.
Аналитика








