ПОВЕЌЕ

    ПОЛОВИНА БИЗНИСИ ВО МИНУС: Дали крајот на 2025 е уште понеизвесен?

    Време зa читање: 4 минути

    Додека пазарите се обидуваат да пронајдат рамнотежа меѓу инфлациските притисоци и забавениот раст, болка со која се мачи и македонската економија, сè поизвесно е дека оваа година ќе биде потешка за бизнисот од претходната и со полоши финансиски резултати. Финансиските биланси на домашните компании се полни со бројки кои покажуваат дека бизнисот се бори со трошоците, побарувачката и променливата пазарна клима. Третиот квартал од годината ја потврди загриженоста дека 2025 година веројатно ќе биде потешка од претходната.

    Финансиските биланси за првите три квартали на 87 македонски компании котирани на Македонската берза покажуваат дека 47 се со полоши резултати споредено со истиот период претходната година, слично на сликата што ја дадоа полугодишните финансиски постигнувања. Порталот Пари ги анализира овие финансиски извештаи за да видиме кои од нив имаат раст на остварениот профит, кои отидоа во минус, а кои останаа со загуба во работењето две години по ред.

    Повеќе од половина од македонскиот бизнис пулсира во минус, каква што беше сликата и пред три месеци. Најлоши резултати покажуваат извештаите на Трготекстил малопродажба Скопје, која од добивка во првите девет месеци лани, годинава отиде во загуба од дури 1,5 милиони денари. Оваа компанија бележи пад на добивката од дури 785 отсто. Во црвено останува и ДС Смитс со годишен пад на профитот од 233 отсто. И оваа компанија ја стопи ланската добивка од 12,8 милиони денари и сега е во загуба од 17,1 милион денари. Троцифрен пад на профитот имаат и Фруктал Мак (-180%), Рудници Бањани (-159%) и Интерпромет Тетово (-109%).

    Полоши финансиски резултати од минатата година пријавија и големи компании, како што се Гранит, Макпетрол, Титан Усје, Мермерен комбинат Прилеп. Минимален пад на добивката имаат и три банки – НЛБ банка, Комерцијална банка и ТТК банка.

    Во најлоша финансиска кондиција се 14 компании кои никако да излезат од загуба. Тие и годинава не успеаја да остварат позитивен резултат од работењето, исто како и во првите три квартали од претходната година. Најголема загуба во апсолутен износ има Либерти АД Скопје од дури 291 милион денари.

    Сепак, 39 компании имаат позитивни биланси и во првите девет месеци евидентирале зголемена добивка. Растот на профитите се движи од 0,90 до фантастични 572,77 насто, колку што бележи Транскоп Битола, со што е вистински шампион меѓу котираните компании. Добивката на оваа компанија изнесува 6,5 милиони денари.

    Импресивен трицифрен раст на профитите имаат уште 9 компании од оваа група: Макотекс (519,93%), ЗК Пелагонија (445,31%), Неметали Огражден (332,15%), Триглав Осигурување (284,57%), Димко Митрев (284,44%), Окта (233,82%), Дебарски бањи Цапа (220,07%), Интернешенелс хотелс (142,96%) и Македонија осигурување (120,94%).

    Двоцифрен раст на добивката во периодот јануари-септември 2025 пријавија 16 компании. Оваа листа ја предводи Макстил Скопје, која за првите девет месеци годинава оствари добивка од 414 милиони денари.

    Во апсолутен износ, со најголема добивка во првите три квартали од 2025 останува Комерцијална банка. Профитот на најголемата банка во земјава изнесува од 4,3 милијарди денари, при што е за нијанса помал (-3,90%) од остварениот во истиот период од 2024 година.

    Според висината на остварената добивка, следуваат уште две банки, Стопанска банка Скопје со профит од 2,9 милијарди денари (2,78% раст во однос на првите три квартали од 2024) и НЛБ банка Скопје со 2,5 милијарди денари (пад од -7,78%).

    Во групата на 10 компании со најголем профит меѓу котираните на Македонската берза се уште Македонски телеком (1,9 милијарди денари), Алкалоид (1,5 милијарди денари), Титан Усје (1,3 милијарди денари), Макпетрол (866 милиони денари), Мермерен комбинат Прилеп (601 милион денари), Окта (452 милиони денари) и Макстил (414 милиони денари).

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично