ПОВЕЌЕ

    КОЈ КОЛКУ ЗАРАБОТУВА од студентите?

    Време зa читање: 5 минути

    Човекот учи додека е жив е една од најцитираните реченици и една од најточните констатации до кои може да се дојде во текот на животот. Најважниот столб за да има развој во една држава е доброто образование.

    Приватните универзитети во Македонија одамна не се само алтернатива, туку активни играчи што го забрзуваат модернизирањето на високото образование. Се гледа брза акредитација на програми, фокус на информатичката технологија, бизнис и вештачка интелигенција во наставата, како и подлабоки партнерства со компании. Оваа свежина се чита и во финансиските показатели: приходите растат, профитот е пошироко распределен, вработеноста е стабилна со благ прираст, а платите постепено се качуваат во овие институции.

    Анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа покажува дека првите десет приватни високообразовни установи по приход во 2024 година оствариле вкупен приход од околу 34 милиони евра; првите 10 по добивка имале заедничка добивка од околу 6 милиони евра. Во десетте универзитети што се најголеми работодавачи има 864 вработени.

    СЕДУМ ВИСОКООБРАЗОВНИ УСТАНОВИ ИМААТ МИЛИОНСКИ ПРИХОДИ

    Секоја дејност има предводник, а во категорија приватни универзитети тоа е Меѓународниот балкански универзитет Скопје, кој е во редот на најуспешните факултети во земјава. Со 14,4 милиони евра приход го зазема првото место, а годишната промена е позитивни 20,64 насто.

    Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ја зазема втората позиција и приходите изнесуваат 8,4 милиони евра. На третото место е Универзитетот „Американ колеџ Скопје“, кој ги комбинира образовните методи и практики од американскиот и европскиот образовен систем и е основан под закрила на мотото дека сите луѓе се збогатени преку образованието, а остварил промет од 2,5 милиони евра.

    Со 2,2 милиони евра на четврта позиција е Американски универзитет на Европа ФОН Скопје и се издвојува со најголем раст на приходите од 45 насто.

    Потоа е Меѓународниот славјански универзитет Свети Николе со 1,9 милиони евра, кој располага со два кампуси ‒ во Свети Николе и Битола, и е дом на повеќе од 2.000 студенти. На шесто и седмо место се Европски Универзитет ‒ Скопје и Универзитет Скопје, и двата со по околу 1,1 милион евра.

    Кај останатите три високобразовни установи приходите се во оспег од 580 илјади евра до 991 илјада евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    МИЛИОНСКИ ПРОФИТ ИМА САМО ЕДЕН УНИВЕРЗИТЕТ

    Во чекор со приходот, најпрофитабилен универзитет е Меѓународниот балкански универзитет Скопје со добивка од 3,3 милиони евра и е единствениот милионски универзитет во оваа категорија со голема оддалеченост од остварувањата на другите во оваа конкуренција.

    Второпласиран е ФОН со 931,1 илјада евра профит и со раст од 74,01 насто во однос на 2023 година.

    На трето место се наоѓа Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, бележејќи пад на добивката од 50,33 насто во споредба со прекланската година кога добивката изнесувала над 1 милион евра. Во 2024 година добивката се сведе на 539 илјади евра.

    Најголем пад на профитот има Бреинстер Некст Скопје од скоро 85 насто, а сумата на добивката изнесува 19,7 илјади евра и ја позиционира на десетто место.

    Интересно изненадување е Бизнисакадемијата Смилевски Битола. Во период од една година добивката е зголемена за неверојатни 1.939,67 насто, а износот е 120,6 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ВО МЕЃУНАРОДНИОТ БАЛКАНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ ИМА НАЈМНОГУ ВРАБОТЕНИ

    Во образовниот процес кај десетте најголеми работодавачи меѓу приватните универзитети, минатата година биле вклучени 864 лица, а преклани бројката била помала ‒ 669, но мора да потенцираме дека податоци за лидерот во оваа категорија за 2023 година нема.

    Најголем работодавач минатата година е Меѓународниот балкански универзитет Скопје со 232 лица. Потоа следи Универзитетот на Југоисточна Европа ‒ Тетово со 177 ангажирани лица.

    Останатите универзитети бројат од 27 до 81 вработен. Голем пад во бројот на вработените бележи ФОН, со 35 насто и Европскиот универзитет, со 23 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈВИСОКАТА ПРОСЕЧНА ПЛАТА Е 1.262 ЕВРА

    За знаењето што им го пренесуваат на студентите во приватните универзитети, платите на вработените се движат во јасен нагорен тренд во однос на 2023 година, со распон од околу од 579 до 1.262 евра месечно по институција.

    Највисоки примања имаат вработените во Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово – 1.262 евра, близу до нив се вработените во Меѓународниот балкански универзитет Скопје со просечна плата од 1.164 евра. Потоа следи Бизнисакадемија Смилевски Битола со 1.012 евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично