ПОВЕЌЕ

    Во октомври мала дефлација и висока годишна инфлација од 4,5 проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Извесно намалување на цените и индекс на трошоците на животот понизок за 0,2 отсто, односно дефлација забележала статистиката во октомври. Наспроти тоа, годишната стапка и натаму е висока и изнесува 4,5 насто.

    Од Државниот завод за статистика информираат дека намалувањето кај трошоците на животот пред се произлегува од поевтинувањето во доменот на транспортот. Таму е измерен пад од 6,1 отсто. Надолни корекции има и во хгрупите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата (–0,3%), и во образование и рекреација и култура (–0,1%).

    Зголемени цени се регистрирани во алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,2 насто, а на годишно ниво тие се повисоки за 6,7 насто. Истот процент на месечен раст (+1,2%) го има и во групата облека и обувки, со тоа што тука годишното поместување е за 2,8 проценти.

    Комуникациите, храната и безалкохолните пијалаци се поскапи за 0,3 насто. Но, за една година цените на храната се зголемиле за седум насто.

    Мали нагорни ценовни движења од 0,2 насто во октомври имало во домувањето, вода, електрика, гас и други горива, како и ресторани и хотели, додека во групата здравје тоа поместување е за 0,1 насто.

    Во споредба со септември, нема промени во групата разновидни стоки и услуги.

    Индексот на цените на мало во октомври, во однос на септември изнесува 98,7, односно и овде се работи за благо намалување на ценовното ниво.

    Од ДЗС посочуваат дека во октомври 2025 година, во споредба со октомври 2024 година, индексот на трошоците на животот е зголемен за 4,5 насто, а индексот на цените на мало за 2,8 насто.

    Во текот на октомври, пак, минималата синдикална кошница ја зголеми вредноста за 467 денари. За покривање на месечните трошоци, на просечно четиричлено семејство му биле потребни 65.544 денари. Според ССМ, најзначајно е зголемувањето кај трошоците за храна и пијалоци, кои во десеттиот месец од годинава изнесувале 23.772 денари. И, за еден месец нараснале за 378 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично