Се собира ѓубрето, се мијат улиците на Скопје, а се расчистува и депонијата Вардариште. Со сто возила од „Комунална хигиена“ и 800 работници ноќеска стартуваше чистењето на Скопје. Камионите за собирање смет, метларките и цистерните за миење на улиците во акцијата тргнаа од паркингот кај спортската сала „Борис Трајковски“, со цел за 72 часа да се „исчисти секој агол, секоја улица, плоштад“, како што рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој почна со реализацијата на предизборното ветување заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалниците на скопските општини.
„Ги мобилизираме сите служби и во следните 72 часа ќе покажеме дека е можно Скопје да биде чист, достоинствен и уреден град“, нагласи Ѓорѓиевски, кој вчера ја презеде градоначалничката функција и стапи на должност.

Воедно тој изјави дека ќе ја преземе целата одговорност за работата на јавните претпријатија. За почеток, ќе нема смени на директорските позиции, и нема врз нив да ја префрла одговорноста за состојбите во главниот град.
Сепак, имало чистка и меѓу вработените во јавните градски претпријатија. Повеќе нема место за 371 лице, за кои е утврдено дека не доаѓале на работа или го злоупотребувале работното место. Исто така, рече Ѓоргиевски, има и докази за други злоупотреби. Посочи на возилата за чистење во „Комунална хигиена“, кои биле ангажирани и плаќани на име на физички лица како интелектуални услуги, а станува збор за износи од пет до десет илјади евра. Ги повика надлежните да се позанимаваат со случајот.

Скопјани на социјалните мрежи реагираа на помпата со која почна чистењето, оценувајќи ја како непотребна, пред се поради тоа што што за одржувањето на хигиената во градот редовно плаќаат сметки. Има и укажувања дека на Скопје не му требаат кампањи за чистење, туку воспоставен систем.
„Јас сум адресата што ќе биде одговорна пред граѓаните во наредните четири години. Доколку сметаат дека не го водам добро градот стојам зад иницијативата – градоначалникот да може да биде отповикан од својата функција“, нагласи вчера Ѓорѓиевски, кој синоќа порача: „За 72 часа нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува“.
(Фото: Фејсбук – Орце Ѓорѓиевски)
Аналитика








