ПОВЕЌЕ

    Пониски приходи, позитивен резултат – „Гранит“ со добивка од 2,7 милиони евра

    Време зa читање: 2 минути

    Градежната компанија „Гранит“ го заокружи третиот квартал со добивка од 2,7 милиони евра, покажуваат неревидираните единечни финансиски извештаи на друштвото. Сепак, вкупната сеопфатна добивка изнесува 1,3 милиони евра и е помала од основната поради останата сеопфатна загуба од околу 1,5 милиони евра. Таа загуба произлегува од падот на берзанската вредност на акциите што ги поседува компанијата, кој се смета за нереализирана загуба.

    Вкупните приходи на „Гранит“ за деветте месеци изнесуваат 33,6 милиони евра. Споредено со истиот лански период, забележливо е намалување од 25 отсто. Приходите од продажбата, пак, се пониски за 31 отсто и достигнуваат 29,3 милиони евра. Причина за ваквите движења е тоа што неколку поголеми проекти биле завршени до крајот на 2023 и во текот на 2024 година, додека новите сѐ уште се во тендерска процедура.

    Од друга страна, кај финансиските приходи има раст од 35 насто. Се работи за сума од 2,4 милиони евра, што претежно се должи на повисоката дивиденда добиена за акциите што ги поседува „Гранит“.

    Трошоците од работењето во деветмесечниот период се во вкупен износ од 30,9 милиони евра. Намалени се во однос на споредбениот период за 28 отсто, за што се наведува дека е усогласено со падот на приходите од продажбата.

    Од јануари до септември се реализирани инвестиции во основни средства од околу три милиони евра. Најголемиот дел од вложувањата се во механизација и опрема.

    Со оглед на економската состојба во државата, компанијата очекува во наредниот период да обезбеди нови инфраструктурни проекти преку нови тендери, како и побрзо завршување на постоечките тендерски постапки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично