ПОВЕЌЕ

    Пресврт за Тутунски комбинат Прилеп – Раст од 300 насто на домашниот пазар

    Време зa читање: 2 минути

    Во септември лани бил во загуба од над 1,9 милиони евра, а годинава има добивка од 17,8 илјади евра. За прилепскиот Тутунски комбинат исчекорот е многу позначаен од износот на профитот, заедно со податокот дека продажбата на домашниот терен дотолку се зголемила, што приходите се повисоки за 296,1 насто.

    Бројките покажуваат дека оперативните приходи, од минатогодишните 8,9 милиони евра, на крајот од овој септември биле и повеќе од удвоени и достигнале до 18,1 милион евра (+103,7%). Овој резултат е поврзан со приливите од домашниот пазар, на кој се купени производи за 8,26 милиони евра. За споредба лани во тој период се зборувало за нешто над два милиони евра. Воедно, за 103,8 насто се повисоки и приходите остварени од извоз (9,87 милиони евра).

    За 67,3 насто се поголеми оперативните расходи, при што разликата во апсолутен износ е 7,4 милиони евра. Заклучно со септември трошоците изнесуваат 18,4 милиони евра.

    Финансиските приходи се зголемени за 21,7 насто и тука сумата е 671,6 илјади евра, додека финансиските расходи бележат 438,6 илјади евра и раст од 21 насто.

    Од Тутунски комбинат Прилеп велат дека ги исполнуваат планираните параметри и очекуваат таа тенденција да продолжи до крајот на годината.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично