Македонијатурист, во текот на деветмесечното работење ја зголеми добивката за 27 насто. Износот достигна 3,3 милиони евра и во апсолутен износ е за 700 илјади евра повисок од споредбениот минатогодишен период.
Реализираните активности придонеле за раст и на приходите и на трошоците.
На приходната страна, компанијата регистрирала приливи од 8,4 милиони евра, проследени со годишен раст од 35 проценти. Основната дејност – хотелските и ресторанските услуги, како главен генератор на приходите бележи двопроцентен раст.
Истовремено, трошоците се повисоки за 27 проценти и изнесуваат 4,8 милиони евра. Финансиските показатели, меѓу кои ликвидноста, степенот на самофинансирање и финансиската сигурност, остануваат на високо ниво, оценуваат од компанијата.
Во деветмесечјето се реализирани и инвестиции во градежните објекти, во набавка на нова и за одржување на постојната опрема. „Друштвото своите инвестициски активности и понатаму во континуитет ќе ги насочува кон реновирање и модернизација на постојните хотелски и ресторански капацитети, кон подобрување на условите за работа, почитување на протоколите за заштита на здравјето, спроведување на новите законски регулативи и задолжително спроведување на нови стандарди за брендираните хотели и тековно одржување“, неведуваат од Македонијатурист.
Што се однесува до вложувањата во хартии од вредност, над 4 милиони евра се во удели во отворените инвестициски фондови во земјата и 2,8 милиони евра во должнички хартии од вредност.
Од продажбата, пак, на сопственички и должнички хартии од вредност во странски компании, друштвото остварило добивка од околу 1,3 милиони евра.
Компанијата најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со модернизација на капацитетите и подобрување на условите за работа. Целта е, велат од Македонијатурист, да се одржи позитивниот тренд и да се зголеми финансискиот резултат.
Аналитика








