ПОВЕЌЕ

    Тројка за успех: камати, провизии и доверба – НЛБ банка со добивка од 40,7 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Добивка од чисти 40,7 милиони евра прокнижила НЛБ банка на крајот од претпоследното годинешно тримесечје. Од успешното работење на оваа значајна единка од големата банкарска тројка, корист има и државата. Наплатени се 5,8 милиони евра, пресметани според даночната стапка од 15 насто, која вклучува дополнителен минимален глобален данок, воведен на почетокот од годинава.

    Базата на остварувањата се примените депозити и одобрените кредити. На НЛБ банка ѝ се доверени 1,78 милијарди евра. За една година нивото е зголемено за 15,8 насто. Или, од ланскиот па сѐ до изминатиот септември граѓаните и компаниите депонирале дополнителни 243,2 милиони евра. Депозитите, пак, од банките изнесуваат 44,3 милиони евра.

    Сето тоа е подлога за интензивната кредитна активност. Во рамките на небанкарскиот сектор, односно кај домаќинствата и бизнисите, заклучно со 30 септември се пласирани над 93,5 милијарди денари или 1,5 милијарди евра. „Силниот кредитен раст на Банката, кој започна од третиот квартал минатата година, продолжува со иста динамика и во 2025 година, што резултира со раст на вкупните кредити кон небанкарскиот сектор за 21,2 %“, посочуваат од НЛБ. Во апсолутна вредност годишното зголемување е за 265,6 милиони евра. Растот на кредитите дадени на корпоративниот сектор е 32,2 насто, а кај населението – за 14,5 насто. Притоа, станбените кредити се проследени со раст од 18,6, а потрошувачките кредити од 14,5 насто.

    Пресметаните и наплатени камати на Банката ѝ обезбедила нето-приходи од 59,56 милиони евра, кои се за 5,2 насто повисоки во споредба со истиот лански период. Во тие рамки, приливите од камати се поголеми за 8,2 насто и достигнуваат износ од 68,68 милиони евра. А, расходите што ги повлекуваат исплатите по основ на камати се повисоки за 32,5 насто, што произлегува од интензивираната депозитна активност на секторот домаќинства.

    Меѓу трите најголеми банки, НЛБ се издвојува по сумите што ги бележи со наплатата за дадените услуги. На крајот од третиот квартал во ставката провизии е запишана сума од 18,9 милиони евра, која е за 1,7 насто повисока од минатогодишната. Падот од еден процент кај провизиите и надоместоците се покрива со намалувањето на расходите од 5,5 отсто.

    Останатите некаматни приходи изнесуваат над седум милиони евра и се зголемени за 4,1 насто. Вкупните приходи од работењето на НЛБ банка се 85,48 милиони евра, а повисоки се за 4,3 насто во однос на претходната година.

    Нагорно движење има и кај трошоците, за 6,8 насто и тие достигнале 36,06 милиони евра, најмногу поттикнати од трошоците за вработените, кои се повисоки за 9,2 насто.

    Банката е ориентирана и кон вложувања во хартии од вредност, каде што има напредок од 17,1 насто. Во државни записи и обврзници инвестирани се 324,9 милиони евра.

    На крајот од деветмесечниот период вкупната актива на НЛБ банка изнесува 140,9 милијарди денари, односно близу 2,3 милијарди евра. Годишниот раст е за 17,8 насто или за 346,3 милиони евра. Тоа, истакнуваат од Банката, е „резултат на успешно спроведување на активностите за остварување силен раст на бизнисот и целосна поддршка на потребите на клиентите“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично