ПОВЕЌЕ

    „БИ МОЖЕЛ, АМА НЕМА“ – Трамп ја пресече приказната за потпретседателската функција на изборите во 2028

    Време зa читање: 2 минути

    Доналд Трамп повторно ја разбранува американската политичка сцена со нови изјави за својата политичка иднина, додека патува низ Азија во рамките на петдневна дипломатска турнеја. Од авионот, претседателот на САД им порача на новинарите дека ја исклучува можноста да се кандидира за потпретседател на изборите во 2028 година – идеја што некои од неговите поддржувачи ја предлагаа како начин тој да се врати во Белата куќа по трет пат.

    „Би ми било дозволено да го направам тоа“, изјави Трамп, додавајќи со типична самоувереност: „Но, не би го направил. На луѓето тоа нема да им се допадне. Не би било во ред.“ Со тоа, тој ја затвори вратата за неортодоксниот предлог што кружеше меѓу неговите најтврдокорни поддржувачи – Трамп да се кандидира како потпретседател заедно со кандидат што би поднел оставка по изборот, со што Трамп повторно би ја презел претседателската функција. Иако 22-от амандман на американскиот устав недвосмислено забранува трет мандат, некои негови симпатизери бараа правни „дупки“ за да му овозможат продолжување на владеењето.

    Трамп, меѓутоа, остави впечаток дека не ја исклучува желбата за нов мандат. „Би сакал да го направам тоа. Имам најдобри бројки досега“, истакнал тој со препознатливата самодоверба.

    Во разговорот со новинарите, Трамп ја истакнал силата на својот тим, пофалувајќи ги потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио како „одлични луѓе“ и можни наследници. „Имаме одлични луѓе. Потпретседателот е одличен. Марко е одличен. Мислам дека ако тие двајца некогаш формираат група, би биле незапирливи“, изјавил тој. Во исто време, со вообичаената жестина ги нападна потенцијалните демократски кандидати, споменувајќи ги конгресменките Јасмин Крокет и Александрија Окасио-Кортез, кои ги нарече „луѓе со низок коефициент на интелигенција“.

    „Ако им дадете тест за интелигенција, нека ги положат, како тестовите што јас ги полагав во Волтер Рид“, рече Трамп, повторно потсетувајќи на своите когнитивни тестови од времето кога беше на функцијата.

    Додека политичките противници дебатираат дали неговите најнови коментари се знак за реални амбиции или само уште едно медиумско шоу, Трамп останува во центарот на вниманието — со истиот микс од самоувереност, провокација и театралност што го држи американскиот политички спектар во постојана возбуда.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично