ПОВЕЌЕ

    РАСТ БЕЗ КОЧНИЦИ: Цените на становите достигнаа историски рекорди, побарувачката сè уште ја надминува понудата

    Време зa читање: 3 минути

    Пазарот на недвижности во земјава и понатаму е во подем, а цените на становите достигнуваат историски рекорди. Во третиот квартал од 2025 година, побарувачката за новоизградени станови продолжува да расте со забрзано темпо, што ја турка вредноста на квадратот на ниво невидено повеќе од две децении. Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, најскапиот стан продаден во овој период се наоѓа во скопската општина Центар, каде купувачот за 91 метар квадратен платил дури 280.000 евра или над 3.000 евра по метар квадратен, што претставува највисока цена постигната досега.

    Во периодот од јули до септември 2025 година, во Регистарот на цени и закупнини се евидентирани 845 продажби на новоизградени станови, што претставува зголемување од 169 во однос на вториот квартал. Вкупно се регистрирани 937 продажби од инвеститор, од кои 845 се станови, 89 куќи и две гаражи. Ако се направи споредба со претходното тримесечје кога биле забележани 754 такви продажби, растот изнесува 183 нови недвижности. Податоците укажуваат дека интересот за новоградби е во постојан пораст, особено во урбаните и атрактивни подрачја каде што побарувачката е значително поголема од понудата.

    Најголем дел од купопродажбите, околу 32 проценти, се однесуваат на станови, што е зголемување за еден процентен поен во однос на вториот квартал, кога овој удел изнесувал 31 процент. Ова покажува дека интересот на граѓаните останува фокусиран кон станбени објекти, особено нови, додека деловните простори и куќите учествуваат со далеку помал удел во вкупниот пазар.

    Скопје, како и во претходните квартали, останува центар на пазарната активност. Општина Аеродром повторно го зазема првото место со најголем број продадени станови – 275, следена од Центар со 236, Чаир со 133, Гази Баба со 121, Кисела Вода со 114 и Карпош со 103 продадени станови. Во останатите градови, Битола предничеше со најмногу продадени куќи – вкупно 71, додека на приморските и туристички подрачја, како Охрид и Струмица, интересот за купување станови исто така бележи стабилен раст. Во Охрид, на пример, се продадени 99 станови, во Тетово 84, во Струмица 83, а во Гостивар 11.

    Во меѓувреме, бројот на објекти во изградба се зголемува. Агенцијата за катастар информира дека досега се запишани 26.463 листови за предбележување градба, што значи дека овие објекти се во активна фаза на градба и наскоро ќе ја зголемат понудата на пазарот. Сепак, според експертите, тоа засега не е доволно за да се балансира односот меѓу побарувачката и понудата.

    Експерти велат дека растот на цените најверојатно ќе продолжи, особено во општините со повисока атрактивност за купувачите.

    Податоците на Народната банка го потврдуваат овој тренд. Во третиот квартал од 2025 година, цените на недвижностите во земјава пораснале за 25,1 процент, што е најголем раст во последните 25 години. Последен пат ваков скок е забележан во 2008 година, по што следуваше период на стагнација и пад на цените. Овој пат, меѓутоа, пазарот изгледа далеку поотпорен, а градежниците и аналитичарите предупредуваат дека доколку не се зголеми понудата, трендот на раст би можел да продолжи и во наредните квартали.

    Македонскиот пазар на недвижности, со оглед на ограничената понуда и стабилната побарувачка, сè повеќе наликува на пазар во кој купувачите се принудени да се натпреваруваат за секој квадрат. Во вакви услови, цените се движат нагоре без знаци на забавување, а Центар, Карпош и Аеродром остануваат реперите според кои се мери вредноста на недвижностите во целата земја.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично