Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Вашингтон оствари работна средба со претставници на Трезорот на САД (U.S. Department of the Treasury), Канцеларија за техничка помош (Office of Technical Assistance – OTA).
Средбата беше посветена на разгледување на досегашната успешна соработка и дефинирање на идните приоритети во областа на јавните финансии, буџетот, даноците, јавниот долг и финансискиот систем.
На средбата беше истакнато дека соработката со Трезорот на САД претставува клучен елемент во процесот на модернизација на системот за управување со јавните финансии во Македонија.
Преку проектите реализирани во изминатиот период, обезбедена е стручна поддршка во повеќе сегменти – од унапредување на буџетското планирање и воспоставување на програмско буџетирање, фискална отчетност и подобра транспарентност во користењето на јавните средства.
Во областа на даночната и царинската политика, разговорите се фокусираа на продолжување на техничката поддршка за модернизација на Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање и Царинската управа.
Акцент беше ставен на подобрување на управувањето со ризици, воведување на напредни системи за анализа и контрола, како и подигнување на нивото на интегритет и борба против корупцијата.
Посебно внимание беше посветено и на тековната соработка во областа на управувањето со јавниот долг која има за цел да придонесе кон понатамошен развој на домашниот пазар на капитал и проширување на базата на инвеститори.
Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека стратешкото партнерство со Трезорот на САД претставува значаен поттик за унапредување на јавните финансии и институционалните капацитети во земјата.
„Техничката поддршка која ја добиваме од Трезорот на САД е од суштинско значење за нашите напори да изградиме модерен, транспарентен и одржлив систем на јавни финансии. Оваа соработка ни овозможува да воведеме високи стандарди во фискалната политика, да ја зголемиме ефикасноста во буџетското планирање и извршување и да ја зајакнеме довербата на граѓаните и инвеститорите во јавните институции,“ истакна министерката.
Таа додаде дека Министерството за финансии останува посветено на спроведување на реформите во јавниот финансиски систем, во тесна координација со меѓународните партнери, со цел креирање на стабилна и одговорна фискална рамка која ќе обезбеди долгорочна предвидливост и економски раст.