Граѓаните се придржуваат до советите за редовно внесување течности. Само минатата година испиле вода и сокови за 204,2 милиони евра. И освен за сопственото здравје, придонеле во растот на една од најразвиените дејности кај нас ‒ производство на безалкохолни пијалаци. Всушност, им дале дополнителен поттик на десетте најголеми компании – системите со мултинационална поддршка и локалните производители, кои на пазарот се натпреваруваат со квалитет и иновациии.
Не пресметавме на колку консумирани литри соодветствува вкупниот испиен износ, но анализата што ја направи Пари во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека домашниот пазар е доволно голем за секој од производителите да најде и да дојде до своите потрошувачи. Како и со што ја стекнуваат и надградуваат нивната доверба, тоа е во доменот на деловните политики, кои, според бројките, се потврдуваат како мошне успешни.
СЕКОЈ ПРОИЗВОДИТЕЛ ИМА МИЛИОНСКИ ПРОМЕТ
Приходите на компаниите што произведуваат безалкохолни пијалаци почнуваат од над два милиони и го надминуваат износот од 138 милиони евра. Сепак, убедлива е предноста на Пивара Скопје, која зафаќа дури 67,8 насто од вкупниот промет на десетте компании. Се опишуваат како одржлива продажноориентирана компанија којашто живее и дише за потребите на купувачите и консументите, а вековната традиција оди во прилог на тоа. Лани е остварен приход од 138,4 милиони евра. Силната бренд-позиција, технологијата и широкиот асортиман производи ѝ овозможува да ги одржува доминацијата на домашниот терен и значителното присуство во Регионот.
Во подножјето на Кожуф се роди визија… Семејството Јанчеви три децении го шири бизнисот, а Кожувчанка лани направи обрт од 18 милиони евра, резултат од континуирани инвестиции во производствените линии и успешното брендирање.
Речиси на исто приходно рамниште се Горска (9,3 милиони) и Соко Горица (9,2 милиони), кои со освежувачките и природни производи ја зајакнуваат конкуренцијата во категоријата на минерални води и сокови. Првата го користи изворот Трнскот на Кожуф, а втората е ориентирана кон изработката на овошни пијалаци за здрав начин на живеење.
Компаниите Магрони за производство и дистрибуција на природна минерална, изворска вода и сокови, како и Пелистерка со водата од изворите во Меџитлија и другите пијалаци, се исто така значајни фактори во оваа област. Нивните приходи се 8,2 милиони, односно 6,8 милиони евра.
Струмка и Липо се најпознатите безалкохолни пијалаци што излегуваат од струмичкиот Грозд, каде што лани биле инкасирани 5,9 милиони евра. Следи компанијата со адреса во славна Дебарца, Иноспектар, која од овошните сирупи и сокови имала приход од 3,9 милиони евра.
Соковите Кватро, производи на истоимената компанија од Куманово, обезбедиле промет од 2,3 милиони евра. Нешто помалку, односно 2,2 милиони евра е приходот на Центро-Фрута од Виница, позната по водата Евина и соковите Фрутино.
Извор: Бизнис Мрежа
СКОПСКАТА ПИВАРА Е ФИНАНСИСКИ НАЈМОЌНА
Сугурен показател за ефикасност и профитабилност е минатогодишната добивка од 23,8 милиони евра на Пивара Скопје. Износот е повисок од заедничкиот профит (4,6 милиони евра) на деветте компании коишто следат на оваа листа.
Втора е Соко Горица со 1,1 милион евра. Понатаму, компаниите се со добивки под еден милион евра.
Малку под тој праг е Грозд, со 940,8 илјади евра, а веднаш зад него се Кожувчанка со 715,8 илјади евра, Пелистерка со 613,2 илјади, па Магрони со 469 илјади евра.
Во групата помали, но солидни компании се Визиана од Куманово (266 илјади евра), Иноспектар (230,2 илјади евра), Горска (176,2 илјади евра) и Ликуки Хоме од Битола (132,2 илјади евра), кои бележат позитивен финансиски резултат.
Извор: Бизнис Мрежа
ВРАБОТУВАЊАТА – ПОДДРШКА НА ЛОКАЛНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Во секторот, односно во компаниите што имаат голема потреба од кадар, работат 1.093 лица. Разбирливо, најголемиот работодавач е скопската Пивара, чии активности лани биле изведувани од 400 вработени.
Кожувчанка со 171 вработен, Магрони со 125 и Соко Горица со 124, потврдуваат дека средните компании се значаен дел од индустриската мрежа.
Шест компании функционираат со помалку од сто вработени: Горска (72), Кватро (63), Пелистерка (49), Грозд (34), Иноспектар (29) и Визиана (26). Без оглед на бројната екипираност, сите тие како семејни и регионални фирми имаат важна улога на пазарот на трудот.
Извор: Бизнис Мрежа
Успехот на бизнис-лидерите во овој сектор може да се сфати како порака ‒ македонската индустрија може да биде конкурентна, одржлива и да се позиционира како регионален извозен чинител во Регионот.
Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска