ПОВЕЌЕ

    СО КАФЕ И ЧАЈ ДО ПРОМЕТ ЗАЧИНЕТ СО 41,3 МИЛИОНИ ЕВРА

    Време зa читање: 4 минути

    Ај, на кафе! Без тоа во Македонија не се може. Не сме Англичани, но и чајот, особено во зима, се троши. Зачините, пак, стануваат сè поприсутни на нашите трпези. Ова се одлични адути за успех во секторот трговија со кафе, какао, чај и зачини, кој лани заеднички завртил 41,3 милиони евра приход, создал 2,1 милиони евра добивка и бил дом на 153 вработени, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа.

    Податоците покажуваат дека најуспешните компании во овој сектор работат со промет од најмалку еден милион евра. Најголем дел од компаниите се сместени во Скопје.

    ИМА ГОЛЕМА РАЗЛИКА ВО ПРИХОДИТЕ ПО КОМПАНИИ

    Во трката по приходи, АТЛАНТИЦ ГРАНД од Скопје го носи приматот со околу 13,8 милиони евра за 2024 година, пред охридската РЕНАРДА со 11 милиони. Разликата меѓу првиот и вториот е околу 2,8 милиони евра – доволна за јасна предност, но не и непремостлив јаз.

    На трето место е кралот на какаото, ЛЕАКОМ–МАРИСОН од Ќојлија, Петровец со 5,5 милиони евра промет, компанија што успева да го најде својот простор меѓу големите. Интересно е што првите три компании генерираат речиси три четвртини од вкупните приходи на листата, пазар во кој широката дистрибуција и силното портфолио се рецепт за голем волумен.

    Под оваа компанија е ДЕВОЛЛИ ЦОРПОРАТИОН ДООЕЛ Скопје, чиј приход лани изнесувал 3,1 милион евра. Зад неа се фирми што оствариле промет од 1,7 милиони евра до 1 милион евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    САМО ЕДНА КОМПАНИЈА ИМА МИЛИОНСКИ ПРОФИТ

    Приходите можеби мирисаат убаво, но вистинскиот вкус се чувствува кај добивката. Тука ЛЕАКОМ–МАРИСОН ја носи титулата најпрофитабилен играч со околу 1,2 милиони евра добивка, четирипати повеќе од второпласираната РЕНАРДА, која бележи околу 282,4 илјади евра, а следи ТЕОФИЛ со 199,7 илјади евра.

    Овој распоред открива важна лекција: голем приход не значи и висока маржа. РЕНАРДА има силен приход, но со умерена профитабилност (профитна маржа од 2,6 насто), додека ЛЕАКОМ–МАРИСОН со помал приход извлекува премиум резултат.

    Четврта компанија во оваа категорија е ДЕНМАК ДЕНИС ДООЕЛ Скопје со профит од 177,9 илјади евра.

    Понатаму, добивките се под стотката, веќе петторангираната фирма БИО АКТИВ ДООЕЛ Скопје има остварување од 90,3 илјади евра.

    Најдолу на листата по остварена добивка од 29,6 илјади евра е ИТАЛИ КАФФЕ ДОО експорт-импорт Скопје.

    Сите компании не може да се пофалат со висока профитабилност. Во секторот има силна конкуренција на мал пазар и ограничена куповна моќ на потрошувачите, чувствителни на ценовни промени. Дополнително, бидејќи најголем дел од производите се увезуваат, фирмите се соочуваат со курсни разлики и високи логистички трошоци, што ја намалува добивката.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАД 150 ВРАБОТЕНИ

    Секоја бројка има човечко лице. Во оваа индустрија, 153 луѓе се моторот зад зрната и шолјите, а АТЛАНТИЦ ГРАНД предничи и тука со 53 вработени. Тоа е тим што ја движи најголемата логистичка мрежа и осигурува дека кафето секогаш стигнува свежо и навреме.

    Останатите фирми од оваа листа имаат значително помал број вработени. ДЕВОЛЛИ ЦОРПОРАТИОН, со 22 вработени, е втор тим по големина.

    ДЕНМАК ДЕНИС и ЕГЗОТИК ТРЕЈД работат со помали екипи, со по 12 вработени.

    АТЛАНТИЦ ГРАНД и ДЕВОЛЛИ заедно држат речиси половина од сите работни места во секторот – уште еден показател дека индустријата има јадро на неколку силни играчи, додека остатокот од пазарот се потпира на специјализирани и фокусирани тимови.

    Работата кај другите фирми ја вршат и по осум-девет вработени. Оттука може да се заклучи дека ефикасното функционирање во оваа дејност не бара ангажман на бројна работна сила.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично