ПОВЕЌЕ

    ОД КАДЕ И ДА СИ, ОД БУТЕЛ ДА СИ – Таму профитот експлодирал

    Време зa читање: 5 минути

    Општина Бутел располага со плодно земјиште, добра географска положба, еколошки чиста и здрава средина, воден и шумски потенцијал, минерали, културно-историски споменици, археолошки локалитети. Но, Бутел има и богатство на фирми. Таму е седиштето на ексклузивниот дистрибутер на Филип Морис, увозникот на Порше, Македонијалек…

    Анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа открива дека 10-те најголеми компании по приход во општината оствариле промет од дури 751 милион евра. Заедничкиот приход на овие компании во 2023 година бил значајно помал и изнесувал 676 милиони евра, што значи дека приходот скокнал за 11 насто. Најголемите 10 компании по добивка во Општина Бутел, во 2024 година имале заедничка добивка од 26,3 милиони евра, а нивната заедничка добивка во 2023 година била 22 милиони евра. Заедничката добивка на овие 10 фирми скокнала за дури 19,5 насто!

    Најголемите 10 работодавачи од општината лани биле имале 2.632 работници, додека во 2023 година нивниот број изнесувал 2.538.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ЕКСПАНДА – ЛОКОМОТИВА НА ПРИХОДОТ

    Во Општина Бутел се наоѓа адресата на многу познати компании. Треба да се потсети дека во оваа општина се и фирмите од Визбегово, индустриска зона на крајот од градот.

    Најголем промет, од дури 152 милиони евра, направила ЕКСПАНДА. Со добивка од 940 евра компанијата не влегува во 10-те компании најголеми по добивка.

    Експанда е компанија формирана во 1990 година како фирма за продажба и дистрибуција на производи за широка потрошувачка. Во 1992 година потпиша стратешки договор со Филип Морис и стана нивен ексклузивен дистрибутер.

    Веднаш зад неа е Друштвото за промет и услуги ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје. Компанијата лани направила промет од околу 100 милиони евра, а си обезбедила и прва позиција по добивка со инкасирани 5,7 милиони евра.

    Порше Македонија е компанија којашто ги застапува автомобилските брендови фолксваген, ауди, шкода, порше и комерцијални возила од фолксваген. Присутна е на македонскиот пазар од крајот на 2005 година и е единствениот импортер во државата во директна сопственост на производителот на автомобилите – Volkswagen AG.

    Останатите компании во друштвото ТОП 10 по приход свтртиле промет под 100 милиони евра, но најнискиот е 37,2 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Како што може да се забележи од податоците, ниту една од компаниите што се во ТОП 10 по приход нема пад на приходите во однос на претходната година. Растот е од 5,8 насто на една од водечките дистрибутивни комапнии, АЛМА-М, до 16,2 насто на прворангираната Експанда.

    ПОРШЕ ГИ ПРЕТРКАЛ СИТЕ

    Добивката на ПОРШЕ МАКЕДОНИЈА е двојно поголема од добивката на второрангираната компанија. Со профит од 5,7 милиони евра во 2024 година, оваа компанија значајно ги претркала сите други во Општина Бутел.

    На второ место е дистрибутерот АЛМА-М со 35-годишна традиција, а низ неговите магацини поминуваат најслатките задоволства на брендовите нестле, марс, фереро. Компанијата лани направила добивка од безмалку 3 милиони евра.

    Иако кога ќе се спомене АВИЦЕНА, асоцијацијата е медицински лаборатории, компанијата е многу повеќе од тоа. Таа е снабдувач со медицински средства на јавното здравство и лани има склучено 2.712 договори за јавни набавки во вредност од 107,5 милиони евра. Бројот на реализирани договори во текот на годината (имало договори и од претходната година) бил 1.138, во вредност од 61,1 милион евра. Сепак, со очигледна динамика на плаќањата, вкупниот приход на компанијата лани бил „само“ 10,2 милиони евра, а добивката 2,8 милиони евра, со што ја става на третото место по профит.

    Всушност, иако отпатно, Бутел е дом на многу компании поврзани со здравството. Таму е и седиштето на ДИАМЕДМАКЕДОНИЈА ‒ мрежа на центри за хемодијализа, која обезбедува грижа за болни што се на програма за хронична хемодијализа. Во Бутел е и седиштето на МАКЕДОНИЈАЛЕК.

    Бутел си има свој синџир на маркети. Таму е КИТ-ГО. Но, во овој малопродажен синџир добивката значајно се намалила, дури 28,2 отсто. Последно на листата ТОП 10 по добивка е Друштвото за производство, трговија и услуги КОЛА ДООЕЛ извоз-увоз Скопје, кое направило промет од 1,5 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    СО КОМПАНИСКА АДРЕСА ВО БУТЕЛ ИМА 2.632 ВРАБОТЕНИ

    Најмногу вработени има во синџирот маркети КИТ-ГО. Компанијата има 966 вработени, но со оглед на распространетоста на нивните маркети во сите општини, во Општина Бутел се слева дел од данокот на личен доход само на вработените што живеат во таа општина. Сè почесто вработените си работат во маркетот во општината каде што живеат.

    Карактеристично за најголемите работодавачи во Бутел е што нема компанија со помалку од 100 работници.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Бутел се покажа како општина со голем потенцијал за бизнис. Останува на локалните власти да ги подобрат инфраструктурните решенија.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично