Индустријата за производство на фармацевтски производи е една од најинтегрираните и технолошки најразвиените гранки во земјава. Таа комбинира висока стручност, научно-истражувачка активност и извозна ориентација. Со години наназад овој сектор бележи континуиран раст на приходите и добивките, а како што се шири деловниот обем, се зголемува и бројот на вработените. Сето тоа е своевидна потврда дека домашните фармацевтски компании успешно одговараат на европските и светските стандарди.
Оваа анализа на Пари е посветена на бизнис-лидерите во македонската фармација, кои со традицијата и достигнувањата ја градат довербата на пациентите и потрошувачите во домашните производители. На странските пазари, пак, се доказ дека во државата на Западен Балкан има потенцијали коишто создаваат квалитет.
Најдобрите десет компании, според податоците од Бизнис Мрежа, минатата година оствариле вкупни приходи од 258,4 милиони евра, кои се одраз на реалната економска тежина и на стратешката важност на оваа индустрија.
ШЕСТ КОМПАНИИ ОСТВАРИЛЕ МИЛИОНСКИ ПРИХОДИ
Не треба посебно да се нагласи кој доминира на овој терен и има највисоки перформанси. Скопскиот Алкалоид лани имал приход од 228,2 милиони евра. Тоа е повеќе од 88 насто во заедничкиот учинок. Ваквата поставеност на силите не е изненадување, со оглед на големината на фармацевтската куќа, чии производи се присутни на многу светски пазари.
Меѓу бизнис-лидерите, шест компании имаат приходи што се изразуваат во милиони евра. Со износот од 20,3 милиони евра второрангирана е Реплек Фарм, компанија којашто исто така зад себе има многудецениско искуство и извоз.
Иако е далеку зад водечките компании, компанијата лоцирана во ТИРЗ во Бунарџик со приходот од 3 милиони евра е сериозен играч во македонската фармација. Аспектус Фарма се карактеризира со квалитетно производство препознаено и од странските партнери.
Следна е фармацевтската и козметичка компанија Фитофарм Плус, со годишен промет од 2,3 милиони евра, средства остварени на македонскиот, како и на пазарите во соседството и пошироко.
Во земјите од Регионот ги има и производите од Бионика Фармацеутикалс, во чиј фокус е пробивот на пазарите во источниот дел од Европа. Нејзиното минатогодишно работење е заокружено со приход од 2 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
Широкиот спектар на производи е карактеристичен и за Галафарм. Од компанијата велат дека не произведуваат само лекови, туку даваат доверба и надеж, а сето тоа лани им обезбедило промет од 1,8 милиони евра.
Развојот и производството на додатоци во исхраната и испораката на иновативни решенија и технологија во повеќе од 40 земји, во СА Инфинити Еуропе ДООЕЛ Скопје лани донело приход од 506,3 илјади евра.
Меѓу најприходните скопски е и една компанија од Охрид. Апимел, друштвото за производство и услуги на Јулија Бачевска, специјализирано за производство на природни производи со прополис и етерични масла, лани направило обрт од 167,6 илјади евра.
„За вашето добро здравје“ е мотото на Јака Нова. Од производството на лекови, додатоци во исхраната и козметика во 2024 година имале приход од 62,7 илјади евра.
Малиот бизнис којшто се развива во Вио Лабс со резултатите е во редот на бизнис-лидерите. Производството на фармацевтски производи лани му обезбедило приход од 53,3 илјади евра.
ДОБИВКА ОД ИЛЈАДА ДО 27 МИЛИОНИ ЕВРА
Со својата добивка од 27,7 милиони евра, Алкалоид и во овој сегмент е без конкуренција. Доволно е само да се посочи вкупниот профит на десетте компании, кој изнесува 30,3 милиони евра. Меѓу овие компании, само Аспектус Фарма бележи добивка над прагот од еден милион евра, поточно 1,6 милиони евра.
Треторангираната Реплек Фарм има профит од 805 илјади евра и е далеку од компаниите што следат.
Сепак, и помалите компании како СА Инфинити Еуропе (53,3 илјади евра), Фитофарм Плус (48,9 илјади евра) и Апимел (24,5 илјади евра) се пример дека профитот може да се постигне и со ограничени ресурси преку специјализација и иновација на производството.
На оваа листа се и две компании што немаат место на листата топ 10 компании по приход. Станува збор за Агроцентар од Кочани (12,4 илјади евра) што се занимава со производство и трговија на канабис за медицинска примена, како и за Сафар Глобал (1,1 илјада евра).
Извор: Бизнис Мрежа
ВРАБОТУВАЊЕ И ЧОВЕЧКИ КАПИТАЛ
Минатата година бизнис-лидерите во фармацијата обезбедувале работа и плата за 2.817 лица. Од нив, 2.209 се алкалоидовци, а 396 вработени стојат зад достигнувањата на Реплек.
Со 70 вработени на третото место е Фитофарм Плус. Како се оди надолу по оваа табела, екипираноста на компаниите е помалубројна – од 49 вработени во Галафарм до 2 работно ангажирани во Вио Лабс. Сепак, и малите и микропроизводителите создаваат вредност преку знаење и технологија.
Извор: Бизнис Мрежа
Македонија има силен фармацевтски сектор, кој има значајна улога и низ годините се покажа како еден од најотпорните во услови на неповолни внатрешни и надворешни влијанија. Едноставно, се работи за здравјето – и на населението и на домашната економија.
Текстот го подготви Маја Анастасова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска