Општина Студеничани, сместена во јужниот дел од Скопскиот Регион, е една од руралните општини коишто во последниве години бележат стабилен економски раст. Иако е далеку од индустриски и урбано развиените центри, Студеничани е дом на бројни бизниси, особено од областа на прехранбената индустрија, трговијата, градежништвото и производството на пластика.
Според податоците што ги анализира порталот Пари од Бизнис Мрежа за 2024 година, компаниите што се топ 10 во општината оствариле вкупни приходи од над 41,1 милион евра, додека заедничката добивка на десетте најпрофитабилни компании изнесува малку над 4 милиони евра. Воедно, вкупниот број на вработени во десетте најголеми работодавачи е 309, со скромен раст од само 1 насто во однос на 2023 година.
ПОВЕЌЕ ИМА ПАД, ОТКОЛКУ РАСТ КАЈ ПРИХОДИТЕ
Највисоки приходи во 2024 година има Еуро Кувајт ДООЕЛ од Студеничани, позната по трговија на големо co дрва, градежен материјал и санитарна опрема. Таа остварила 8,1 милион евра, што е раст од 8,6 насто во однос на претходната година.
Следи Фруктал Мак од село Моране со 7,3 милиони евра, компанија којашто е синоним за овошни сокови, нектари и пијалаци на македонскиот пазар. Од добро познатите стопроцентни овошни сокови до линиите за деца, оваа фирма не само што е присутна на полиците во речиси секоја продавница, туку бележи и стабилен раст од 11,2 насто, што говори за доверба во брендот и широка пазарна основа.
Трета компанија на графата за приходи е ВАТО ДОО, градежна компанија чијашто успешна приказна започнува во 2001 година. Приходот на оваа фирма изнесува 4,7 милиони евра, со мало намалување од 3,62 насто во однос на 2023 година.
Индустрискиот микс е надополнет со живинарската фарма Шест браќа што го зазема четвртото место, која, иако со блага стагнација (‒ 2,5 %), останува меѓу водечките со 4,3 милиони евра приход.
Во 2024 година една од фирмите што се издвојува со раст во приходи во однос на лани е Бурдем-Пластик, производствена компанија специјализирана за пластични производи за широка употреба, со 4,2 милиони евра приход и годишен раст од 13,8 насто, и со оваа компанија се заокружува првата петорка.
Од другата страна, пак, неколку компании покажуваат пад: Беровиќ Бетон има драстичен пад на приходите од над 61 насто, а Минт Инженеринг и Јени-Мармарис имаат падови од над 30 насто и 6,7 насто, соодветно.
Извор: Бизнис мрежа
И ДОБИВКИТЕ СЕ ТОПАТ ВО 2024 ГОДИНА
Ако приходите раскажуваат приказна за обем, тогаш добивките откриваат кои компании навистина знаат да управуваат ефикасно. На врвот по профитабилност за 2024 година е Бурдем-Пластик со 832,2 илјади евра. Добивката е зголемена за 13,86 насто во однос на лани. Потоа следи Кабелкоп Инвеста од Батинци, која остварува 667 илјади евра добивка и раст од 25,76 насто.
Импресивен е и скокот на Еуро Кувајт, која иако е најголема по приход, се наоѓа на третото место по добивка со 620 илјади евра, и тоа со највисоко годишно зголемување од сите, дури 123,85 насто повеќе во споредба со 2023 година.
Исто така и компанијата Ме-Ра Инженеринг ја дуплирала својата добивка за само една година со раст од 103 насто, но сепак го зазема претпоследното место.
На спротивниот крај се четири компании коишто бележат сериозни падови, иако две од нив се меѓу поголемите по приход: Електро-Коп има пад од 65,7 насто, ХСА Конструкцион од 64,3 насто, Јени-Мармарис и Гама Градба се меѓу најдобрите десет во приходи, но имаат релативно голем пад во профитот ‒ 57,8 насто и 59 насто, соодветно.
Овие падови може да укажуваат на проекти коишто не дале резултат, пораст на трошоците или изгубени договори. Во секој случај, добивките јасно ја разликуваат ефикасноста од самата големина на компанијата.
Извор: Бизнис мрежа
ДЕСЕТ ФИРМИ СЕ СО ВКУПНО 309 ВРАБОТЕНИ
Кога станува збор за вработеноста, разликите се умерени. Најголем работодавач е Вато ДОО со 52 вработени, иако бележи благ пад од 1,89 насто. Следуваат Фруктал Мак со 45 и Бурдем-Пластик со 39 вработени.
Најголем раст има Кабелкоп Инвеста (+ 37,5 %), која од 16 пораснала на 22 вработени. Сличен позитивен тренд има и кај Електро-Коп (+ 15,8 %). Од друга страна, Цвет-Компани има пад на вработеноста од дури 23 насто, што е најдрастично намалување во листата.
Извор: Бизнис мрежа
Општината Студеничани покажува економска активност во повеќе сектори, со јасно изразени компании лидери. Сепак, за порамномерна економска стабилност, неопходни се дополнителни вложувања, поддршка за малите компании и подобрување на условите за локално вработување.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска